Пендаровски му се заблагодарил на Ердоган за помошта

by fokus

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на денешната средба на маргините на Самитот на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа во Анталија, изразија задоволство од долгогодишното партнерство меѓу двете држави и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

„Претседателот Пендаровски посочи дека и во услови на пандемија одржувањето редовен политички дијалог покажува дека односите меѓу двете земји се пријателски и цврсти. Тој искажа благодарност за укажаната целокупна турска медицинска помош која пристигнуваше во нашата земја уште од првите мигови по прогласувањето на пандемијата. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари и за 30.000 вакцини, коишто беа испорачани неодамна“, стои во соопштението.

На средбата, се додава во соопштението, Пендаровски нагласил дека македонскиот интерес за развој на односите и соработката со Турција е константен, а кон тоа придонесува и блискоста на двата народа.

„Во овој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Турција за Северна Македонија претставува еден од најважните економски партнери и дека сме подготвени за целосно подигнување на нивото на соработка, како во трговските врски, така и во делот на турските инвестиции во нашата земја. Истовремено, претседателот Пендаровски изрази очекување дека во наредниот период двете држави ќе се фокусираат што е можно повеќе на економската соработка“, велат од Кабинетот на претседателот.

Поврзани новости