Пендаровски: Малиот Шенген не е замена за членство во ЕУ, туку е комплементарен со процесот на пристапување

by fokus

На средбата со претседателот Александар Вучиќ заклучивме дека она што недостасуваше во сите овие изминати години се изворните иницијативи во регионот и заеднички заклучивме дека овие иницијативи треба да продолжат и да ги опфатат сите држави на Западниот Балкан. Само така можеме да делуваме поубедливо и посилно кога зборуваме со еден глас пред бриселските институции, рече претседателот Стево Пендаровски во изјава за медиумите на 4. Регионален младински форум што се одржува во Нови Сад.

– Со претседателот Вучиќ отворивме битни настани и трендови што го отсликуваат регионот на Западен Балкан во последно време. Акцент ставивме на евроинтеграциите и на иницијативата популарно наречена „мини шенген“, за која заеднички заклучивме дека е добра и дека е комплементарна со нашиот процес на пристапување кон ЕУ, а не замена за членство за што се ширеа шпекулации во Брисел и тука во регионот, истакна Пендаровски.

Пендаровски се осврна на средбата со словенечкиот претседател Борут Пахор, за која кажа дека на неа била потврдена огромната поддршка на Словенија за нашите евроинтеграции.

– Денеска се сретнав со еден мој стар пријател, претседателот на Словенија Борут Пахор кој важи за еден од најдобрите адвокати на нашата држава во Брисел, со кој заеднички ги споделивме последните информации кои се однесуваат во однос на новата методологија предложена од француска страна и за земјите-членки кои веќе почнаа да даваат свои коментари за усвојување на таа методологија, како и за динамиката потоа на носење политичка одлука за отворање преговори, рече Пендаровски.

Тој повтори дека Словенија секогаш била искрен пријател и искрен поддржувач на нашата европска кауза.

Пендаровски претходно се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на власта: Презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателите на Србија и на Словенија, Александар Вучиќ и Борут Пахор.

Поврзани новости