Пендаровски им се извини на бизнисмените во име на политичарите

by fokus

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари посета на Сојузот на Стопански комори на Македонија и им упати извинување на бизнисмените затоа што изминативе години државава не успеала да создаде услови за добра бизнис клима. Како што рече Пендаровски на средбата со стопанствениците пред се треба да се работи на подобар амбиент за компаниите.

-За жал во изминативе години и децении ние политичарите не ви помогнавме многу во таа смисла. Себеси не се изземам од таа категорија на луѓе затоа што јас сум над 20 години активен во јавниот живот, иако сум само 2 месеци Претседател. Значи, ако можам на некој начин да се извинам во името на сите претходни генерации политичари што не ви го направиле животот и бизнисот полесен, за да на сите нас понатаму ни биде полесно, еве тоа го правам. Најмалку во лично име. Значи навистина мислам дека во изминативе 30 години како независна држава, политиката правеше се, и преку оваа поларизација и на многу други начини, да го попречи бизнисот или што е најтрагично да го стави под своја капа. Бизнис под политичко менаџирање е со ефект само за оние кои го менаџираат, не и за народот, не и за граѓаните. Јас се надевам дека последниве две години имаме позитивни исчекори во спротивна насока, дека бизнисот треба постепено да се ослободува од политичките стеги – нагласи Претседателот.

Претседателот Пендаровски се осврна и на крупната афера од последните десетина дена.

-Последниве денови сме сведоци на една крупна афера која има многу шпекулации, која очигледно оди низ многу слоеви на нашето општество, и економски, и криминални, и политички, за жал. Јас од оваа позиција не гледам политички притисок ако кажам дека инсистирам државните органи во таа таканаречена ситуација или случај „Рекет“ да ја истераат работата што е можно побрзо, до крај, навистина до крај, за да не се остави ни најмал простор за сомнеж дека некој некого штити или дека повторно се рециклираат некои лоши практики од минатото, кога одредени политички фактори штитеа бизниси, односно беа заштита за криминалните бизниси, и на тој начин знаеме до кое дереџе дојдовме. Значи, Европската комисија во својот извештај во 2017 година не дефинира како заробена држава, имено најмногу заради политичка поларизација, меѓутоа и заради тоа што бизнисот се знаеше кој може да го прави и кој смее да влезе воопшто на тоа поле – рече претседателот Пендаровски.

Тој истакна дека пред неколку дена го комплетирал економскиот тим, кој ќе му помага во истакнување на економскиот аспект на надворешните односи и на дипломатијата, а кој бил запоставен од почетокот на нашата независност, при патувањата надвор. Претседателот нагласи дека ќе настојува со него да бидат и економските министри, без разлика која гарнитура е на власт, а од бизнис секторот да добива информации за состојбите и нивните барања. Тој рече дека задача на Претседателот е да се намали поларизацијата и поделеноста во државата.

-Моја задача, бидејќи сум платен од вашите пари, е тоа да се обидувам да го правам до крајот на мандатот и тука нема суети, нема повредено его. Јас морам да се јавам кај тие луѓе кои се актери на политичката сцена со кои досега не сум направил комуникација, а кои се битни за вкупниот амбиент, да се обидувам да ги добијам. И јас ќе ги барам и бидете убедени дека ќе направам се да ги намалам тие тензии, бидејќи мислам дека барем за неколку работи кои се стратешки битни за државата, не треба да се расправаме – рече претседателот Пендаровски, посочувајќи ги нашите стратешки приоритети,  економскиот развој, комплетно интегрирање во ЕУ и НАТО и меѓуетничките односи.

Поврзани новости