Пендаровски и Пахор се прошетаа низ Охрид, градот во посебен режим

by Fokus

Вториот ден од официјалната посета на словенечкиот претседател Борут Пахор на С.Македонија е резервиран за посета на Охрид, каде што заедно со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски се во обиколка на неколку позначајни културно-историски споменици во градот.

Пендаровски и Пахор прошетката низ Стариот дел на Охрид ја почнаа со посета на црквата „Света Богородица Перивлепта“ и Галеријата на икони. Обиколката на Охрид заврши со посета на катедралната црква „Света Софија“.

Високиот гостин од Словенија заедно со претседателот Пендаровски после прошетката се упатија кон Кампот за обука на вода на Армијата на Северна Република Македонија, каде ќе присуствуваат на показна вежба на припадниците на специјалните сили на Армијата.

На вежбата ќе бидат демонстрирани постапки што се применуваат во ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во акцијата во која ќе бидат ангажирани и летала од воздухопловната единица на Армијата ќе биде презентирана и физичката подготвеност и вештините на припадниците на елитната армиска единица.

Охрид веќе втор ден е во посебен сообраќаен режим, спроведени се темелни активности за физичко и сообраќајно обезбедување на улиците каде ќе минува делегацијата со словеченкиот претседател. Главните сообраќајници низ градот што се резервирани за протоколот од синоќа се целосно испразнети, а паркираните автомобили отстранети од коловозите.

Поврзани новости