Пендаровски ги пречека европратениците од дијалогот „Жан Моне“

by Фокус

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, копретседавачи со дијалогот „Жан Моне“, којшто денеска и утре ќе се одржи во Собранието помеѓу лидерите на парламентарните партии во државата.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, тој на средбата истакнал дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување.

„На средбата беа разменети мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека македонскиот претседател пред европратениците истакнал дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија, повторувајќи го очекувањето дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година.

Истовремено, додаваа од неговиот кабинет, Пендаровски изразил надеж дека за време на хрватското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.

Поврзани новости