Пендаровски ги потпиша сите закони кои ги донесе Собранието

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска попладне ги потпиша Указите за прогласување на повеќе закони кои се усвоени од Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои и за Законот за Јавното обвинителство, Закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана и Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, соопшти неговиот кабинет.

Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот „Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони.

Претседателот Пендаровски, исто така, укажува дека за евентуалните приговори во однос на уставноста на некој закон, секој граѓанин може да поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија како надлежен државен орган.

Како што соопшти вечерва неговиот кабинет, претседателот Пендаровски ги потпишал указите за прогласување и на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени,  Законот за изменување и дополнување на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците, Закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за заштита на личните податоци, Законот за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило, и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Поврзани новости