Пендаровски: Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна

by fokus

Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски вечерва на прес-конференцијата по завршувањето на првата конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која претставници од надлежните служби и надлежните министерства реферирале за безбедносната состојба во земјата и во регионот со импакт на внатрешната безбеносна динамика.

-Заклучок беше дека Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија, рече Пендаровски.

Шефот на државата рече дека на седницата договориле динамика на следните средби кои, како што додаде, ќе се случуваат на секои два до три месеци.

-Живееме во таков временски период и улогата на Советот е така уставно поставена, што е значајно да има редовна размена на информации и координација на највисоките полтички органи во оваа земја за тоа што се случува и што би можело да се случува, рече Пендаровски.

Во овој контекс, како што посочи, битно е да се напомене дека Советот за безбедност на претседателот на државата добива и нагласена улога и значење со новиот закон, кој неодамна беше усвоен и стапи на сила, за координација на разузнавачко – безбедносната заедница.

На седницата, иако бил поканет не присуствувал лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Пендаровски рече дека на седницата не се разговарале приватни или партиски теми, туку за безбедноста на државата.

Националниот Совет за национална безбедност го сочинуваат девет члена. Покрај шефот на државата,  по функција членови се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров и за одбрана Радмила Шекеринска.

На предлог на претседателот Пендаровски, дел од ова советодавно тело се и професорото и прв министер за одбрана Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ Ветон Љатифи и професорот од Правниот факултет при УКИМ Ненад Марковиќ.

Советот разгледува прашања во врска со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози до претседателот, Собранието и Владата. Советот го раководи шефот на државата. 

Поврзани новости