Пендароски очекува одговорност и истрага за Охридскиот пливачки маратон

by Fokus

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува одговорност и истрага во однос на случувањата во Пливачката федерација на Македонија и откажувањето на Охридскиот пливачки маратон за оваа година.

По она што бил информиран од новото раководство на Федерацијата, забележа дека се работи за сериозни обвинувања.

– Од новото раководство на Пливачката федерација на Македонија пред некој ден бев информиран дека тие веќе после една спроведена ревизија на работењето на претходното раководство и организатори на маратонот имаат поднесено извештаи или кривични пријави до Антикорупциска и Основното јавно обвинителство. Очекувам, бидејќи станува збор за многу сериозни наводи од тоа што ми беше презентирано од новиот претседател на Федерацијата, дека тоа ќе биде земено веднаш во работа и нема да чекаме години и години да разбереме дали има таму навистина криминал, на што упатуваат ревизорските наоди и изјавите на новото раководство или нема ништо. Тој е така наречен евентуално криминален дел на организацијата, изјави Пендаровски.

По отворањето на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ одговарајќи на новинарски прашања забележа дека коментарите за откажувањето на Охридскиот маратон се предизвикани од политички мотиви.

– Јас знам дека има луѓе во опозицијата кои некои работи не ги разбираат. Не е возможно да до толку не разбираат и не прават разлика меѓу покровител, организатор и спонзор. Ја сум и денес покровител на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но немам никаков контакт со финансиската конструкција на семинарот. Имам уште неколку покровителста и тие ги преземав од моите претходници. Ние можеме неформално да помагаме барајќи од приватни фирми спонзорства, но од Кабинетот на Претседателот не било никогаш одделувано пари и средства за организација на било која манифестација на која претседателот е покровител, појасни Пендаровски.

Поврзани новости