Пеливанов: Масовното незаконско прислушување е реализирано од злосторничкото здружение кое го создал Мијалков

by fokus

Организатор на нелегалното прислушување во УБК бил тогашниот директор Сашо Мијалков. Од него не очекуваме да признае дека ја организирал групата, бидејќи за цело време се трудел да ги сокрие трагите.

Ова во завршниот збор за случајот „Таргет и Тврдина“ го поентираше обвинителот Трајче Пеливанов.

-Одбраната на Мијалков се движише во насока дека нелегалното прислушување го вршела трета страна, повикувајќи се на извештај на израелска компанија. Вештото лице, пак, во целост го поби овој извештај, рече обвинителот Пеливанов.

Тој додаде дека сите материјални и вербални докази укажуваат дека масовното незаконско седење на комуникациите е планирано и реализирано од злосторничкото здружение кое го создал Мијалков.

Обвинителот појасни дека и сведокот Звонко Костовски, бил дел од групата која учествувала во нелегалното прислушување, но поради придонесот кој го дал за истрагата, тој е прогласен за сведок соработник.

-Звонко Костовски не го вршел прислушувањето сам, како што тоа некој сакаше да го наметне. Тој никогаш ниту маркирал бореви, ниту давал налози за прислушување, истакна Пеливанов.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

В.В.

Поврзани новости