Пеколно време со температура до 40 степени

by Fokus

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, со температура до 40 степени, слаб до умерен ветер од северозападен правец и УВ индекс 9. Кон крајот на денот ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.

Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а температурата ќе достигне 37 степени.

УХМР за утре најавува локална појава на пороен дожд и грмежи. Ќе има и услови за изолирана појава на невреме, особено во северните и источните делови. Максималната температура ќе биде 38 степени, а УВ индексот 8. Во недела времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен до засилен ветер од северен правец. Температурата ќе достигне 35 степени, а УВ индексот 9. Слично ќе биде и во понеделник.

-За време на викендот ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, што ќе услови од недела да има благ пад на температурите, информира УХМР.

Поради високите температури денеска и утре, Дирекцијата за заштита и спасување апелира до локалната самоуправа, граѓаните и посетителите на излетничките места да не фрлаат цигари и догорчиња, стаклен отпад и стаклени шишиња, да не палат оган, скара на отворен простор и во шума или друг горлив материјал, ниту стрништа и меѓи, а ако забележат пожар веднаш да ја известат Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), пак, порачува да се почитуваат мерките и препораките за заштита на работниците кои работат на отворено: градежници, земјоделци, градинари, работници во сообраќај, работници кои изведуваат теренска работа, продавачи на отворени пазари, пожарникари, полицајци, војници.

Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, потсетува КСС, треба да се обезбедат соодветни услови за работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците. Конфедерацијата препорачува избегнување работа на отворено во период од 11:00 до 17:00 часот, редуцирање на тешката физичка работа, почести паузи, и посебна внимателност со постари работници, хронично болни, бремени жени.

Поврзани новости