Пејачите останаа без вртоглавите хонорари: Ова е Македонија, а не Монте Карло!

by fokus

Општина Кавадарци го откажа новогодишниот дочек на плоштад, следејќи го примерот на поголемите градови во земјава и во соседна Србија. Нема ништо од планираните настапи на Ристо Самарџиев и Тајфата на Димо Дулот, и од огнометот за што општината планираше да издвои околу 5.000 евра. Останува единствено одржувањето на ,,Базар на домашни производи, вино и ракија’’ и забавната програма која што ја прават децата од сите училишта од Кавадарци.

Граѓаните во Кавадарци се со поделени ставови околу откажувањето на организираниот дочек. Некои сметаат дека е во ред да им се помогне на социјалните семејства наместо да се слави, додека пак други се прашуваат зошто сега, кога пејачите останаа без новогодишни ангажмани, не настапат хуманитарно, за да можат и оние кои што не се во можност да слават во ресторани, да уживаат во прослава на плоштадите.

,,Ако не друго, барем видовме колку пари се ,,фрлале’’ за музика. За настап на Ристо Самарџиев и Тајфата на Димо Дулот биле планирани околу 5.000 евра во Кавадарци. Дури и да се двојно помалку, сепак – многу е. Да не збориме за хонорарите во Скопје, кои што секако дека се многу повеќе од 5.000 евра по изведувач. Па ова е Македонија, не е Монте Карло“, – коментираат кавадарчани на социјалните мрежи.

И по повод откажувањето на дочекот во Скопје на плоштад Македонија, каде што требаше да настапат Каролина Гочева, Слаткар и Миле Кузмановски, социјалните мрежи беа преполни со негативни коментари околу високите хонорари на пејачите.

,,За неколку часа на бина се заработува годишна плата. И тоа не било каква, туку доста солидна. Да се стави ред во трошењето на државни пари за музичари, не само за Нова година, туку и за останати општински манифестации. Посебно кога се работи за ѕвезди од соседството, кои што знаат да наплатат и по 30.000 евра за настап од околу два часа’’ – беа најчестите критики на јавноста.

Поголемиот број пејачи се разочарани од новонастанатата состојба со откажаните настапи. Велат дека Новогодишните тезги им се едни од најплатените. Затоа, популарните фолк пејачки уште пред неколку дена веќе заминаа на турнеји кај нашата дијаспора, а пак останатите договориле гостувања во ресторани. Хонорарите им се движеле од 1.000 евра па нагоре. Поп пејачите, кои што не се многу популарни кога се новогодишните тезги во прашање, ќе ја минат најлудата ноќ без работни ангажмани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости