Павловска до Шилегов: Петре, подготвен ли си да прифатиш предизвик?

by fokus

Маја Павловска, голем активист за правата на лицата со телесна попреченост, и познат текстописец и ликовен уметник, му упати отворен предлог на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, како да ги искористи ВИП кабините од жицарницата на Водно.

Павловска, која е лице со посебни потреби, односно како човек кому е потребно соодветно помагало за да може да се движи, веќе со години наназад апелира да се превземе нешто по повод прашањето со пристапност за овие категории на граѓани. Таа во повеќе наврати апелира да се стори нешто во врска со пристапот на лицата кои користат разни помагала и колички и се со ограничено движење, и да се обезбедат специјални рампи и влезови за нив.

Откако ја прочитала веста за луксузните кабини, Маја со јавен апел до Шилегов бара истите да бидат пренаменети во надворешни лифтови на зградите во кои живеат лица со посебни потреби.

-Глумење, лудило, ВИП кабини… Кога кабините би ги пренамениле во надворешни лифтови на зградите во кои живеат лица со посебни потреби, а нема друго решение за соодветна пристапност, освен надворешен лифт, би ни решиле голема работа со и онака тешкото секојдневие. Но, кога би размислувале од аспект на човек со таков проблем… А јас, ете не можам, а да не потсетам! И ќе бидам досадна се додека не им се реши пристапноста на сите луѓе со ваков проблем. Петре Шилегов, дали си спремен да го прифатиш предизвикот? – прашува Павловска.

Таа живее и твори во Холандија околу една деценија. Текстописец е на многу песни на наши познати пејачи, а пред неколку години, како автор на 17 нумери за мјузиклот ,,Чикаго’’ не можела да присуствува на премиерата во Скопје, поради непристапност за лица со помагала за движење.

Неодамна, јавно побара поддршка за олеснување на животот на лицата со посебни потреби и од премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека овие категории на граѓани, кои ги има во голем број, се приморани да живеат во четири ѕида.
Како мало потсетување, Маја е ќерка на легендарниот текстописец Јован Павловски, автор на музичкиот хит ,,Бисер Балкански’’.

Луксузните ВИП кабини на жицарницата која се протега од Средно до Горно Водно, денеска ги откри Шилегов, според кого можеле да се користат само од одредени патници.

„Не бил само мерцедесот. ВИП кабини на жичарницата, кои не се за општа употреба“, напиша тој на својот Фејсбук профил.

Вики Клинчарова

Поврзани новости