Во болниците во Скопје и во Штип се лекуваат вкупно 89 пациенти, додека во странство се испратени 76, информираше утрово заменик министерот за здравство, Јовица Андовски.
„Планираме наредниот период да испратиме уште неколку во Австрија, Полска, Холандија, Италија, Норвешка, во текот на денот ќе знаеме по колку“, рече Андовски.
Пристигнати се специјалисти од Израел, Белгија, Србија и други земји за да помогнат во лекувањето на тешко повредените. Се планира транспорт со авиони и хеликоптери на уште пациенти во Словенија, Хрватска, Италија и други земји.
Вчера биле хоспитализирани уште 20 повредени, меѓу кои и тројца пожарникари.
Од оние кои се во странство, некои се во потешка состојба, а оние кои се на клиниките во Скопје се во стабилна состојба, изјави директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски. Тој рече дека ниту еден пациент во моментов нема да биде испратен на домашно лекување, и тие што се полесно повредени се задржуваат на опсервација.
„Од почетокот, на Клиниката за токсикологија се хоспитализацирани 18 пациенти од кои четворица поради влошување на општата состојба се префрлени на КАРИЛ, а тројца чинам ќе бидат префрлени во странски земји. Од тие што останаа, за четворица не сме задоволни од нивната сосојба, не се стабилни, другите се стабилни. Бидејќи се работи за изгореници на горните дишни патишта и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглероден моноксид, очекуваме да има компликации во наредните денови. Но сите сме мобилни, имаме засилени екипи. Доаѓаат пациенти кои се малку уплашени, на сите им правиме серија клинички испитувања, нешто да не пропуштиме. Досега немаме констатирано потешки компликации, меѓутоа ваквите труења, посебно со отровни гасови, може да дадат доцни компликации и на сите пациенти им е препорачано во наредните 10 дена да дојдат на контрола, веќе почнаа да се закажуваат контроли“, рече д-р Андон Чибишев, директор на Токсикологија.
Според директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, здравствените капацитети во регионот се веќе пополнети и затоа пациентите почнаа да се испраќаат во подалечни земји.