Партијата на Меркел бира нејзин наследник, таа планира да замине во политичка пензија

by fokus

Партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ја почна виртуелната партиска конвенција, пред клучното гласање кое ќе биде прв чекор кон избор за нејзин наследник.

Меркел во воведното обраќање повика на единство на членовите на партијата и порача дека сака партијата и понатаму да ја води тим, а не поединец.

-Се надевам дека ќе биде избран тим кој во свои раце ќе ја преземе судбината на нашата горда партија и ќе соработува со сите членови за да се најдат вистинските одговори на задачите во иднина, рече Меркел.

Трката за челно место на ЦДУ се чини неизвесна, а се води меѓу тројца мажи, поранешниот министер за животна средина, Норберт Роетген, шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, и актуелниот премиер на провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет.

Гласањето се случува на почетокот на клучната година за германската политика, во септември се одржуваат парламентарни избори, а Меркел планира да замине во политичка пензија по својот четврти мандат на чело на најголемата држава во Европската унија.

Идниот челник на ЦДУ традиционално е кандидат за иден германски канцелар на партијата и сестринската Христијанско-социјална унија.

Но, оваа година прв пат како кандидат за канцелар се споменува и челникот на таа помала партнерска партија Маркус Соедер, актуелен баварски премиер и еден од најпопуларните политичари во Германија.

На конгресот на ЦДУ се поканети 1.001 делегат, а на победникот му се потребни 501 глас од делегатите. Прво, ќе се одржи дигитално гласање, а доколку нема јасен победник во првиот круг, двајцата кандидати со најдобар резултат ќе влезат во вториот круг, за кој делегатите, од правни причини, ќе гласаат со испраќање писмо.

Победникот ќе биде потврден на 22 јануари, а кандидатот за канцелар треба да биде познат во март.

Поврзани новости