Партија се прави со слични, на избори се победува со различни

by fokus 20:21
20:21

Искрено се надевам дека приклучувањето на Зекири кон најголемата опозициска партија ќе донесе добро и за Албанците и за Македонија и дека тоа е она што најмногу ги плаши „лошите“ во земјата: дека некој во СДСМ веќе разбрал, а и албанските опозициски партии се на пат да разберат: партија можеш да формираш и само со собирање слични, но на избори победува тој што ќе собере повеќе различни!

Пишува: Рамадан РАМАДАНИ

Една од работите по кои распознаваме дека датумот овојпат е конечен и дека ќе имаме предвремени парламентарни избори на 11 декември се политичките акции и креирањето политички моменти, кои се одличје на предизборје. Тоа во Македонија, редовно пред избори, се политичките трансфери, шалтувања и приклучувања кон одредена опција или коалиција.
Ако не го сметаме јавното приклучување на оној еднодневен министер за внатрешни кон ДПМНЕ, кое најверојатно по тоа што се случило без негово сознание не би требало да се брои, тогаш прв и најголем предизборен момент е приклучувањето на долгогодишниот новинар Мухамед Зекири кон СДСМ.
Ова приклучување е голем политички потег од многу аспекти.
Прво, по тоа што додава на вонредноста на моментумот на овие избори. Толку се вонредни овие избори што еден новинар Албанец остава кариера и се приклучува кон една политичка партија во мнозинство составено од Македонци. Тоа истовремено ја прави одлуката на Зекири двојно храбра. Еднаш поради оставањето на својата богата новинарска кариера и второ заради придружување на една политичка опција, која е сѐ уште „туѓа“ за него и за неговиот народ.
Од друга страна, ова е храбра политичка акција и за СДСМ изведена во земја и време кое и при најобични фудбалски натпревари знае да предизвика дилеми и прашања во меѓуетнички односи за кои никој во Македонија сѐ уште нема политички одговори. Така храброста е втората карактеристика на ова приклучување и по тоа што храброста е својство на лидерство, тоа ја прави дополнително голема.

КОЈ ЌЕ ОДГОВОРИ НА ПОТЕГОТ НА СДСМ?

Третиот аспект што го прави голем овој моментум е невозможноста на возвраќање на тие кои би требале да реплицираат на овој политички потег со слична или пропорционална акција. Ниту ДПМНЕ, ни ДУИ, па ни движењето Беса или другите опозициски партии во албанскиот блок. ДПМНЕ со еднодневниот министер веќе го покажа максималниот капацитет на привлекување нова политичка поддршка: несвесно повлекување на свесно уфрлените во јавноста. ДУИ од друга страна веќе има проблем да обезбеди минимум поддршка од Албанците, а камоли да обезбеди некое поинакво приклучување. Освен ако не се решат да ги оживеат пак партиските ограноци во Штип и во Кочани од партиската архива, секако ако имаат партиска архива и ако не ја зел со себе г-дин Гзим Острени кога веќе пред година дена формираше посебна партија: Унитети.
На овој потег невозможно е да одговорат и другите албански опозициски партии затоа што се нови и се во фаза на етаблирање на првичната поддршка меѓу Албанците. Така на пример, Беса сѐ уште нема храброст да преземе готови политички авторитети кои некогаш можеби биле во ДУИ, но не се со ДУИ од поодамна во никаква корелација. А камоли поинакви. Градоначалници и пратеници од ДУИ кои изгледа веќе многу месеци чекаат на ред и на понуда од БЕСА. Истата или слична храброст недостасува и во реформското движење во ДПА предводено од Зиадин Села, која иако уште постои старата ДПА и е единствен потписник на пржинскиот договор, кој не учествува во изборната влада, инсистира на приклучувања само на луѓе кои некогаш биле ДПА?!
Невозможноста за возвраќање на овој потег на СДСМ на опозициските партии не е само во немањето доволна храброст, туку и од немањето многу варијанти. Така на секакво приклучување на авторитети од македонскиот дел кон нив тие ризикуваат да им се повтори феноменот на Кољо Дијамантот, кој пред неколку години им се случи на ДУИ. Или тој на Имер Селмани, кој им се случи на Македонците.

ШОКОТ НА ДУИ ОД ПОТЕГОТ НА „КАУРИНОТ“

Но, да се вратиме на анализа на големината на потегот со приклучувањето на Зекири со четвртиот аспект. А тоа е отворање на вратата за многу немакедонски партии, движења и политички авторитети за коалиција со СДСМ за овие избори. Така изгледа некој во СДСМ конечно увидел дека се исто голема политичка партија како ДПМНЕ, но она што им недостасува е коалициската моќ. Имено ДПМНЕ е далеку понапред во коалицирања со бошњачки, турски, торбешки и ромски партии пред СДСМ. Нешто што се гледа и од сегашниот состав на пратеници. Потегот со Зекири и воопшто покажаната коалициска намера и кон Албанците ќе биде силен сигнал токму кон другите помали немакедонски заедници дека СДСМ може и тоа како да коалицира со нив. Пораката испратена и прочитана од нив во овој случај била: кога можат толку храбро на толку голема врата да тропаат, тогаш сигурно ќе биде полесно со помалите врати и со капиџиците.
Чинам дека пресудно била ова порака што ја разбесни ДПМНЕ до толку, да не се воздржа преку своите медиумски терористи да се обиде да го дискредитира Зекири, свесни дека со тој напад само му помагаат да му се зголеми нему лично и на СДСМ поддршката во опозицискиот и во албанскиот дел на јавноста. Инаку кога може ДПМНЕ да ја земе Агнес Гонџе Бојаџиу, сега веќе официјално прогласена католичка светица од страна на Ватикан, зошто да не биде Зекири во СДСМ?!
Иста или слична порака беше пресудна и за покажаниот шок на ДУИ од ова приклучување. Кое го покажа со напади кон Зекири како кон „каурин“, кој ќе влијаел врз локалните претстојни избори за Кичево и Струга?! Очигледно дека на ДУИ, освен календарот, им се нарушила и географијата, па пред да има локални избори, ќе има парламентарни, а Зекири е од Скопје и Чаир, па најверојатно пресудното за нив прво тука ќе се случува.
Но, има и други аспекти што треба да се разјаснат за да се разбере шокот на ДУИ од еден потег кој најмногу би требало да ги предизвика опозициските партии, а не ДУИ како владејачка партија. ДУИ веќе нема никаков политички капацитет за коалицирања. Дури и да се најде некоја тазе персона за привремена употреба, како некои во нивната листа за ад хок комисијата за медиуми, никој нема да може да ѝ гарантира на таква една „жртва на задоволство“, дека нема да биде третиран и именуван како што беше случајот со последното политичко приклучување кон ДУИ: Артан Груби. Истиот тој беше ословуван само како „Коњот на Шемо“ во обелоденетите меѓусебни разговори на врхушката на ДУИ: Ахмети и Џафери.
Да заклучам дека искрено се надевам дека приклучувањето на Зекири кон најголемата опозициска партија ќе донесе добро и за Албанците и за Македонија и дека тоа е она што најмногу ги плаши „лошите“ во земјата: дека некој во СДСМ веќе разбрал, а и албанските опозициски партии се на пат да разберат: партија можеш да формираш и само со собирање слични, но на избори победува тој што ќе собере повеќе различни!

Поврзани новости