Партија не смее да прими годишна донација од фирма што врши јавни услуги, но може за кампања?!

by Фокус

Политичките партии главно сe финансираат од донации од физички лица, без оглед дали се работи за тековно финансирање или за изборна кампања, но воедно (може да) добиваат и донации од приватни компании. Притоа, нема законска пречка тие да се финансираат од фирми кои се персонално или капитално поврзани со лица од раководството на партијата, доколку висината на донацијата е согласно утврдените граници. Меѓутоа, се наметнува дилема дали може да примаат донации од фирми кои истовремено вршат јавни услуги, доколку донацијата е наменета исклучиво за кампања?

Влатко Стојановски

Во пресрет на парламентарните избори во 2016 година, ДУИ на Али Ахмети им ги врати донациите на две приватни компании, бидејќи во исто време работеле на јавни проекти врз основа на договор за јавна набавка склучен со јавни установи. Како што тогаш објави Фокус, станува збор за фирмите „Голец Транс“ и „Беша Транс“, кои во првата половина од кампањата на интегративците донирале вкупно 40.000 евра, иако биле под активни договори за јавна набавка. Во таква ситуација, партијата тогаш одлучи да им ги врати парите назад, повикувајќи се на Законот за финансирање на политички партии.

На листата на донатори на ДУИ за изминатите парламентарни избори, се наоѓаат две компании, кои според член 20 од Законот за финансирање на политички партии, не ги исполнуваат условите за донации, односно во моментот вршат јавни услуги за општина Желино. Истите, според член 15 став 6, се известени дека донацијата ке им биде вратена во рок од 30 дена, додека истовремено Ве известуваме дека тој рок уште не е надминат – ни изјави тогаш шефот на финансискиот оддел при Централниот изборен штаб на ДУИ Фатмир Изаири, кој воедно беше градоначалник на Желино, општина со која всушност двете компании имаа соработка.

Арно ама, на ланските парламентарни избори ДУИ повторно доби две донации од приватни компании кои претходно добиле тендери, меѓутоа овојпат партијата од Мала Речица настапува сосема спротивно. Според извештајот објавен од Државниот завод за ревизија, интегративците на специјалната изборна сметка примиле донации од кичевските компании „Линди“ и „Ас-Сењак“ во вкупна вредност од над 300.000 денари (158.000 и 150.000 денари). Сепак, од партијата велат дека овојпат нема потреба да ги вратат овие пари, иако донаторите, според Бирото за јавни набавки, пред но и после донацијата склучиле неколку договори за јавна набавка со јавни органи.

Законот за финансирање на политичките партии го уредува и регулира редовното работење на партиите како правно лице, што е наведено во Член 1 од Законот: „Со овој Закон се уредуваат начинот и постапката на обезбедување на финансиските средства, располагањето со средствата за тековната работа и дејствување на политичката партија, како и начинот на контрола на финансирањето и материјално-техничкото работење…“. Со тоа, овој закон се однесува на финансирањето на редовното работење на партиите, а изборната кампања е регулирана со Изборниот законик, каде такво ограничување не постои – се наведува во одговорот што ни го достави поранешниот заменик државен ревизор Насер Адеми, кој го водеше финансискиот оддел на ДУИ на ланските избори.

Оттука произлегува дека еден ист субјект, во два различни периоди, постапува различно во иста ситуација и околности, притоа повикувајќи се на два различни закони. Поточно, Законот за финансирање на политичките партии пропишува дека партија не може да се финансира од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог вршат јавни услуги…“, додека во Изборниот законик стои дека изборната кампања не може да се финансира од „средства од јавни претпријатија и јавни установи“. Дали тоа значи дека партиите може да добиваат донации од фирми со активен тендер доколку донацијата е за кампања, од Антикорупциската комисија велат дека со информации ќе излезат по завршување на анализите на финансиските извештаи во соработка со Државниот завод за ревизија.

Уште една партија која, покрај останатото, на ланските избори се финансирала и од приватни компании е вонпарламентарната Интегра, која на изборната сметка примила вкупно 13 донации од физички лица во вкупен износ од 345.400 денари, при што убедливо најголема е онаа на партискиот лидер Љупчо Ристовски од 185.100 денари. Но, партијата пријавила трансфер на средства од партиската сметка од 727.000 денари, како и четири уплати од приватна компанија во вкупен износ од 617.900 денари. Станува збор за компанијата „Терис ДОО“ во косопственост на партискиот лидер Ристовски.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2016 година за посредување во трговијата со разновидни производи. Сопственици на друштвото се лидерот на Интегра Ристовски и Златко Блажевски, кој, според официјалниот партиски сајт, е дел од лидерскиот тим на партијата. Како што навеле од самата партија, Блажевски е бизнисмен и оперативен директор во „Про Арцхитецтурал ЛЛЦ“, со седиште во Њу Џерси, САД. Патем, „Терис“ на сопартијците Ристовски и Блажевски се јавува како сопственик на уште една компанија.

Се работи за друштвото формирано на средината на 2018 година со дејност за преработка и конзервирање на месо „Примес КО“. Од Интегра велат дека ревизорите констатирале оти нивниот финансиски извештај е позитивен со неколку технички забелешки. Околу прашањето дали во „Терис“ и нејзината фирма-ќерна „Примес КО“ влегле пари од странство, кои потоа преку донацијата завршила во партијата, од таму велат дека компаниите работат исклучиво во земјава и тврдат дека партијата не се финансирала од странство, туку, како што потенцираат, сите примени донации се остварени во домашен правен промет.

Како е што е познато, прашањето за финансирање на изборните кампањи се отвори откако антикорупционерите до обвинителството поднесоа иницијатива за кривично гонење на одговорните на политичка партија поради незаконско финансирање на кампања, откако ваквите наводи и сомневања биле поткрепени со информации добиени од Управата за финансиско разузнавање. Од ДКСК велат дека не можат да откријат за која партија станува збор, ниту дали се работи за индиции за финансирање од јавни пари, граѓански здруженија или можеби од странство, од причина што во оваа фаза постапката е тајна. Од обвинителството, пак, истакнаа дека ќе се постапи во насока на утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност.

Поврзани новости