Партиите ја злоупотребуваат државата, кршат закони и дискриминираат

by fokus

Политичката дискриминација го изветопери државниот систем. Партиската книшка му пресудува на граѓаните во скоро сите општествени сфери. Нема јасно разграничување помеѓу партиите и државата, се злоупотребува државниот систем и се прекршуваат низа закони. Ова е заклучокот од конференцијата „Одвојување на државата од политичките партии“, организирана од граѓанската асоцијација „Мост“.

Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска посочи дека најстрашно е тоа што јавноста веќе се навикнала да функционира во партизирано општество.

-Постои значително поголема можност за вработување на оние кои се членови на политичките партии на власт. Страшно е што јавноста со години е научена така да функционира и тоа се прифаќа како нормално, а прекршува цел корпус закони. Целиот систем се извитоперува и го голта државниот апарат, не се почитува мерит-системот, а тоа е закана за уништување на врзивното ткиво на ова општество – рече Габер-Дамјановска.

Друг проблем кој беше истакнат денеска е и финансирањето на политичките партии.

-Како е можно една партија од Македонија да е многу побогата од најбогатата партија во Германија кога партиите во Македонија не добиваат пари од членарина? Мора јасно да се знае од каде доаѓаат парите – потенцираше Френк Хантке, раководител на канцелариите на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје и во Тирана.

Експерите порачаа дека крајно време е државата да ги заштити граѓаните од притисоци и да почне да работи за јавниот интерес.

Поврзани новости