Пари за грозјето за шест месеци, и тоа на рати

by Fokus 12:20
12:20
Лозарите и годинава претрпеа удар од страна на винариите. Наместо како што очекуваа да добијат поголеми откупни цени и исплата во најкраток можен рок, грозјето ќе се откупува по ланските цени, и тоа 11 денари за смедеревката и 13 за картошијата, а за пари – ќе почекаат.

Според заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, во закон ќе биде внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти. Следната исплата е предвидена да биде до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје.

Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето. Доколку не се почитуваат тие рокови,  било договорено со винариите да има 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат. Исто така договорено било оној кој ќе договори откуп на количина грозје со винариите, доколку сака исплата веднаш во рок од 7 дена по извршениот откуп, да му биде исплатено грозјето со осум проценти намалување од договорената цена.

Тој како представник на државата им ги пренесе информациите на лозарите вчера, на прес конференција во Неготино, која што се одржа по состанокот на претставници од винариите и лозарите.

Лозарите велат дека се ставени пред свршен чин, а многумина од нив размислувале да ги ископачат лозјата, бидејќи не им е финансиски исплатливо да ги обработуваат. Сега, во пресрет на бербата на винските сорти, на пример за лозје од десет декари, потребни се најмалку десеттина аргати за берба, кои што земаат дневница од 800 денари плус ручек, и најмалку тројца- четворица товарачи, чии што дневници се движат околу 1.300 денари, плус изнајмување на тракторски приколки во кои што се товара грозјето, а за кои што се наплатуваат по 1.500 денари, па нагоре, во зависност од капацитетот.

Покрај овие трошоци, лозарите мораат неколкупати годишно да одвојат пари за средства за прскање од разни болести, да платат водарина, да плаќаат аргати за кроење, поткршување и многу други процедури неопходни за добар род. Доколку имаат десет декари со смедеревка и добар род, можат да бидат задоволни ако наберат десеттина тони, од кои што ќе заработат околу 2.000 евра, а кои што според законот, ќе треба да ги чекаат шест месеци, и тоа на рати.

Вики Клинчарова
 

Поврзани новости