Пари за граѓаните кои останаа без работа за време на пандемијата, најавува власта

by fokus

Владата обезбеди средства за сите што останаа без работа во услови на пандемија. Се работи за средства од Светска банка кои ќе овозможат 48.000 лица кои останале без работа по основ на пандемија да бидат поддржани со 150 евра или 9.000 денари, во период од четири до девет месеци зависно од бројот на баратели за користење на оваа мерка, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на трибината што ја организира „Гласен Текстилец“ во Штип.

Шахпаска потсети дека четвртиот пакет економски мерки за стопанството се разликува од останатите и освен што се обезбедува државна помош за најпогодените компании, предвидува и скалеста исплата. Со пакетот вреден 57 милиони евра, директно се вбризгуваат пари во стопанството за да се зачуваат работните места.

Според министерката, за мерките за невработените од оперативниот план на Агенцијата за вработување годинава веќе се искористени 78 отсто, а од буџетот се обезбедени над една милјарда денари. Бројката на социјални семејства во државата пред пандемијата била 27.000, а за време на пандемијата се зголемила за 5.000. До денес во земјава има 32.000 домаќинства приматели на социјална помош.

Директорот на Државниот трудов инпсекторат Алајдин Хазлиу истакна дека од почетокот на пандемија досега буквално гаселе пожари, по претставките на работниците и невладината „Гласен текстилец“.

-Бројката на јавување кај нас е над 6.000, односно 6.000 претставки, а најчесто се однесуваат за непочитување на мерките на Владата за хронично болни, отпуштање од работа. Ние во овој период вративме над 1.000 луѓе и ги поништивме решенијата, кои не се согласно законот. Така да на работа вративме околу 1.200 луѓе назад во работниот процес, рече Хазлиу.

Според Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, постигната е целта на оваа Текстилијада, бидејќи отворено се говореше за работничките права, но и за решенијата што треба да се најдат.

Поврзани новости