Папата Франциск кој ја предводеше погребната церемонија на упокоениот Бенедикт Шеснаесетти, во молитвата пред верниците на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан својот претходник го спореди со Исус.
Во проповедта тој употреби десетици библиски референци и црковни списи, споредувајќи го Бенедикт со Исус, вклучувајќи ги и неговите последни зборови пред да умре на крстот: „Оче, во твои раце го предавам мојот дух“.
Франциск индиректно се осврна на Бенедикт при парафразирањето други библиски референци за Исус, вклучително и „љубовта значи да бидеш подготвен да страдаш“, како и дека заедницата „го препорачува нашиот брат во рацете на Отецот”.
На мисата на која присуствуваа 125 кардинали, 200 бискупи и околу 3.700 свештеници, Франциск уште зборуваше за „мудроста, нежноста и лојалноста“ што Бенедикт им ја давал на луѓето низ годините.
Тој го спомна поранешниот папа по име само еднаш, во последниот пасус од проповедта: “Бенедикт, верен пријателе на Исус, нека ти биде целосна радост кога ќе го слушнеш неговиот глас, сега и секогаш”.
По погребната церемонија ковчегот со посмртните останки на Бенедикт Шеснаесетти ќе биде вратен назад во базиликата „Свети Петар“. На негово барање поранешниот поглавар на Римокатоличката црква ќе биде погребан во подземните катакомби на Ватикан, во криптата каде што беше погребан папата Јован 12, а потоа Јован Павле Втори, чии останки подоцна беа пренесени во базиликата.