Пановски за Фокус: Во моментот да не се брза со одлуки за враќање на работа, да ја почекаме вакцината и пролетта

by Fokus

Намалениот број на заразени со Ковид-19 не значи дека треба да се опуштиме и веднаш да се вратиме на работните места доколку професијата дозволува работа од дома вели за „Фокус“ професор д-р. Никола Пановски, еден од врвните микробиолози во земјава  откако Владата пред два дена побара административците кои со месеци работеа од дома, или ротираа во смени и со паузи, од 1 февруари да се вратат на работа.

-Не сум многу запознаен со овој предлог, но она што можам да го кажам во моментот е да не се избрзува со вакви одлуки туку пожелно е да се почека пролетта кога просториите ќе може повеќе да се проветруваат и секако да пристигне вакцината и да почнеме со процесот на имунизација, порачува Пановски.

Според него залудни би биле досегашните напори во однос на мерките ако сега целосно се препуштиме на олабавување.

-Навистина не е време, се уште има голем ризик од заразата, вели тој.

Од Владата пред два дена посочија дека побарале мислење од Комисијата за заразни болести која треба да пресече и дали некоја категорија работници треба да биде изземена од одлуката, а според досегашните информации состанокот е закажан за денеска или утре.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе го достави предлогот до Комисијата. Одговор очекуваат во најбрзо време, по што Владата треба пак да донесе нова одлука.

Администрацијата од почетокот на пандемијата, не работи во полн состав и со полно работно време. Во март Владата донесе одлука да работат од дома. Во јуни дел од нив беа вратени на работа, а ослободени беа бремените жени, хронично болните и родителите на деца до 10 години. Но, со отворањето на градинките – во септември мерката веќе не важеше. Имаше ип протести на родителите на деца до 10 години, а реагираа и хроничните болни кои беа вратени на работа, освен оние кај кои специјалист констатира дека им е влошена здравствена состојба. Последната одлука Владата ја доенсе на 20 Октомври, кога бројката на заразени почнаа нагло да расте. Се препорача на целата државна и јавна администрација, општините и судовите, да работат во смени, од дома, или со ротации.

С. Т

Поврзани новости