Пановски за Фокус: Не само од трета доза, кај малолетните воопшто нема потреба од ковид-вакцина

by Fokus

Освен кај децата кои имаат здравствени проблеми и хронични заболувања, не сметам дека треба да се прими вакцината против Ковид-19 воопшто, а третата доза пак во никој случај, коментира за „Фокус“ микробиологот д-р Никола Пановски.

-Во земјава 99 проценти од децата па и младите не се вакцинирани па го поминаа делта сојот со поблаги симптоми, со исклучок на неколку случаи кои завршија со смртен исход но поради други заболувања. Затоа не гледам сега потреба од вакцинација и секогаш сум бил против истата за децата, додава тој.

Според него, оваа вакцина е во експериментална фаза, а конечните резултати би биле готови во 2014 година, тоа значи дека нејзината употреба не е редовна туку итна.

-И пеницилинот почнале да го употребуваат во периодот пред 1943-45, но конечната одлука од ФДА да го регистрира за редовна употреба дошла во 1947, а тоа се норамлни фази кога се работи за лекови. Затоа во случајов само гледам притисок младите да се вакцинираат за да ги заштитат бабите и дедовците кои не сакаат да се вакцинираат со вакцина која е одобрена за итна употреба, појаснува тој.

Според Пановски, треба одлагање на почнувањето на второто полугодие, но не очекува дека ќе се случи истото, а препорачува маските да не бидат задолжителни бидејќи штетно влијаат на здравјето и на децата и на наставниците.

-Нема поента да се носи маска во текот на учебниот ден, таа да се вади на одмор или пак во кафуле, а знаеме дека сега учениците ќе ги зголемат своите социјални активности, така што според мене не глдам потреба од носење маски, дополнува Пановски.

Сепак, тој додава дека потребна е одговорност кај сите поединци во општеството.

-Секој ученик кој ќе појави некакви симптоми па и настинка пожелно да остане дома или пак да има тестирање во училиштата и домовите за да не излезе од контрола заразеноста кај учениците и наставниците, што значи потребна е одговорност, вели Пановски.

Американските санитарни власти пред две недели ја одобрија третата доза вакцина против коронаворус на компанијата Фајзер/Бионтек за деца од 12 до 15 години, пред почетокот на  второто полугодие.

Американската агенција за лекови (ФДА) исто така ја одобри третата доза на вакцината на Фајзер/Бионтек за деца со послаб имунитет од 5 до 11 години. Тука спаѓаат и децата на кои им е пресаден орган.

Трета доза кај деца над 12 години може да се прими во многу земји, Израел беше меѓу првите кои администрираше трета доза, а примерот го следа и други земји меѓу кои и соседните земји како и земјава.

Децата на школска возраст пак во Хрватска наскоро ќе имаат обврска секој понеделник да се тестираат на коронавирус пред да одат на училиште. Како што дознава Јутарњи лист, во тек е изработка на план предложен од Министерството за наука и образование, согласно кој тестовите би биле дистрибуирани во сите училишта во Хрватска, по што би им биле поделени на родителите.

Соња Танеска

 

Поврзани новости