Пановска: Најлошото интервју ми беше со Груевски, човек бетон, без емоции

by fokus

Пишува: Ана Пановска

Во времето, некаде 2004, кога МТВ беше нормална телевизија, нормално се кроеше и уредувачката политика. На крај памет не ни паѓаше лидерот на опозицијата да го игнорираме и да не го прашаме за неговото мислење за сите поважни прашања од интерес на државата и на граѓаните.

Во тоа време, во ударниот термин, го имав моето едночасовно интервју со Никола Груевски, лидерот на тогашната опозиција. Како ТВ новинар во сите мои интервјуа сум гледала да не бидам наметлива, а уште помалку да го навредувам гостинот, кој и да е. Идејата секогаш ми беше најпрвин со општи прашања во кои нема мои коментари, да го отворам соговорникот, да го оставам да се изложи, а потоа со кратки потпрашања да го доведам до еден искрен и човечки контакт со гледачите.

Тоа некогаш било поуспешно, некогаш помалку успешно. Но, можам со сигурност да кажам дека моето интервју со Груевски беше најлошото интервју што некогаш го имам направено. Тоа беше едночасовно измачување кога гледаш дека спроти тебе седи човек-бетон, без емоции, непробоен, едноставна машина со само еден програм на шиење…цик-цак! Тогаш ми беше јасно дека таквите прости апарати тешко сами од себе откажуваат. Нив едноставно треба да ги кренеш во некој ќош на стариот креденец, како едно машинче за мелење црн-пипер од баба ми што и сега да го извадиш ќе си меле.

Вчера Телма направи тешка уредувачка грешка. Немаше никаква потреба да му се додворува и да му ги исполнува желбите на Груевски, плашливецот, кој нема стискавец да седне очи в очи на иста маса сам со Заев. Штета! Телам го погази одличното професионало известување и пренос од собраниските настани во четвртокот. А со колегата Чомовски можам само да сочувствувам. Сум доживеала како новинар едно такво „фијаско“ од интервју.

Поврзани новости