Панов за ,,Фокус”: Два пати за истите монети се прави увид, ако ме пријават уште десет пати, на секое ли ќе ме претресуваат?

by Fokus

Поранешниот кавадаречки градоначалник Александар Панов не е уапсен, како што првично објавија голем број на медиуми, поради тоа што денес при претрес во неговиот дом полицијата пронашла над 1.000 монети, за кои постои сомневање дека се со археолошка вредност.

Во разговор за ,,Фокус” тој ја демантира веста која што денес е актуелна за него, и вели дека моментално се наоѓа дома, со чиста совест.

-Ниту сум уапсен, ниту сум имал некакви антиквитети. Денес полицијата дојде кај мене дома на претрес, ја одзедоа мојата колекција со монети која ја имам повеќе од 40 години. Станува збор за редовна процедура, монетите се на увид, а кога ќе се потврди она што го кажувам, дека не се работи за антика или за нешто противзаконски, ќе ми бидат вратени назад. Ова го зборувам со сигурност поради тоа што не ми е прв пат. Истиот случај го имав и пред неколку години. Бев пријавен, имав кривична пријава, лицето падна на суд. Монетите, односно оваа моја нова колекција ми беше вратена назад. Собирањето на монети е моја голема страст која што започна уште многу одамна. Татко ми беше шофер, ми носеше разни монети дома од секое патување, па така и јас станав колекционер. Сите приказни за моја поврзаност со Паско Кузман паѓаат во вода, јас човекот сум го видел само еднаш во животот – раскажува Панов.

Вели дека е револтиран бидејќи се работи за анонимна пријава и смета како намерно некој сака да му направи штета, и покрај тоа што се тргнал од политиката кога го заврши својот градоначалнички мандат пред две години.

-Јас сега имам мирен живот. Работам во поштата во Кавадарци, немам никаква допирна точка со политиката. Се тргнав од политика, ама некои луѓе никако да се тргнат од мене, еве ме пријавуваат анонимно за нешто кое е далеку од реалноста, значи ова не е антика! Полициските службеници денес беа многу коректни со мене, бев во станицата да дадам изјава. Беше извршен претрес кај мене и кај моите родители. Ние немаме што да криеме, ова не е нешто ново. Не знам само, дали ако мене за оваа колекција ме пријавуваат уште десеттина пати, на секоја анонимна пријава ќе ми доаѓа полицијата на претрес? – прашува Панов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости