Пандемијата покажа колку човек е немоќен, порача г.г. Стефан

by Fokus

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан во божиќното обраќање порача дека пандемијата покажала колку човекот е немоќен, како и дека е потребно враќање на љубовта кон Бога.

-Состојбата која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат луѓето. Возљубени Христољупци, покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата. Годината пред нас нека биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, нека биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест, порача архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Од МПЦ-ОА неколкупати досега во пресрет на новогодишните и божиќните празници апелираа до верниците да се почитуваат мерките, а по повод денешниот празник Бадник, годинава треба да изостанат и традиционалните бадникови поворки. Организаторите повикаа наместо да се формираат поворки, во 12 часот секој да ја запее песната „Вечниот Бог“ каде и да се наоѓа.

 

Поврзани новости