Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски ги офрла обвинувањата за притисоци врз судија и вели дека тужбата против него е нарачана политичка кампања против неговиот углед.
Во изјава за 24 Вести, Панчевски го повика судијата Иван Џолев да објасни зошто поднел кривична пријава против него, бидејќи тој, како што вели, не се сеќавал за што точно се работи.
-Се води кампања против мене, смислено е од некои кујни за некакви недокажани и непотврдени обвинувања. Џолев гледам обвинува дека некој судија вршел некаков притисок но нема ништо конкретно. Не знам од какви причини го прави ова – изјавил Панчевски.
Инаку, судијата Иван Џолев поднесе кривична пријава против Панчевски поради кривично дело „поврзано со влијание врз судија за да преземе одделни незаконити дејствија“.
-Денес настапувам како граѓанин, индивидуа, како судија на Кривичниот суд кој се залага за владеење на правото и правната држава, а во смисла на чл.103 од Судскиот деловник. Верувам дека Јавното Обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ке преземе процесни дејствија во врска со пријавата. Верувам и во судството и во Кривичниот суд, во моите колеги и верувам дека овој преседан односно исклучок само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото- рече судијата Џолев во својата писмена изјава.
Oд јавното обвинителство потврдуваат дека до нив стигнала кривичната пријава против Пачевски, што е првиот случај во Македонија судија да тужи друг судија.