Панчевски нема коментар за неговото прераспоредување во Одделението за прекршоци

by fokus

Владимир Панчевски, доскорашниот претседател на Кривичниот суд, набрзо ќе се сели во Одделението за прекршоци, бидејќи новиот претседател Иван Џолев, донесе одлука судијата Панчевски да биде прераспореден.

Судијата Панчевски, кој досега работеше во одделението за претходна постапка-организиран криминал, не сакаше да одговори на нашето прашање дали навистина е прераспореден, порачувајќи ни дека нема коментар и не упати да побараме официјална потврда од Основниот суд Скопје 1. Откако ја добивме официјаната потврда, повторно се обративме до судијата Панчевски и го прашавме дали ќе поднесе жалба до Врховниот суд, но тој возврати дека и понатаму нема коментар.

Панчевски во својот мандат беше познат по тоа што направи неколку годишни распореди, а по кои мнозинството судии беа незадоволни. На неговата листа беше и судијата Џолев. Сепак нетрпението меѓу нив двајцата трае веќе извесно време бидејќи Џолев му поднесе кривична пријава на Панчевски бидејќи како претседател му влијаел како да постапува во еден предмет. Панчевски пак му возврати со кривична пријава за лажно пријавување, а двајцата наизменично си поднесуваа и претставки до Судот за утврдување на фактите.

В.В.

Поврзани новости