Панчевски: Јас сум симболот со кој се разоткри криминалот во СЈО, народот го препознал тоа

by fokus

Поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски, е предлог на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за шеф на обвинителството за организиран криминал и висока корупција кое ќе треба да ги преземе предметите на СЈО, доколку се изгласа Законот за јавно обвинителство во Собрание. Овој предлог наиде на многу реакции кај јавноста, дел коментираат со доза неверување, а дел се потсмеваат со ваквиот предлог.

Панчевски за „Фокус“ одговори дали смета дека е соодветно решение и зошто.

-Видете јас сум симбол на прогонот на власта врз правосудниот систем кој го отворија како пупка, јас сум симболот со кој се разоткри криминалното работење на Катица Јанева и Ленче Ристоска уште пред две години со претресот врз мене и кражбата на клучот. Веројатно некој, но најповеќе народот го препознал тоа! – изјави Панчевски.

На прашањето зошто тогаш дел од народот го сфаќа овој предлог како несериозен, тој вели:

-Секогаш ќе има различни мислења не сме сите исти! Катица Јанева е инволвирана во ракетарски случај поврзан со милионски суми, Панчевски нема суми зад него иако медиумите под политичка палка го направија корумпиран судија, тоа се ќе исплива кога тогаш, кој за кого одработувал – додава тој.

Против Панчевски е инаку покренато обвинение за злоупотреба на АКМИС системот за распоредување на предмети кај судии во Кривичниот суд. Според обвинението Панчевски се товари дека влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.

Неодамна против него беше покрената и постапка во Антикорупциска комисија. Од таму рекоа дека постојат сериозни сомневања дека Панчевски си го вработил внукот во судот, иако воопшто не бил пријавен на огласот за вработување.

-Случајот АКМИС е чисто политички конструиран предмет замислете обвинителството поднело обвинение за тежок криминал што му е работа а јас сум го распоредил кај судија (со причина секако) судија што го избрал Судскиот совет, не јас тој судија судел, па судел судија во повисокиот суд по жалба па на крајот и Врховен, што е Панчевски да не е Худини??? За Антикорупциска е смешно и да ме прашате, внук од втора братучетка кој волонтирал без пари една година и кој не сум го примил јас туку по процедурите за тоа одлучува комисија, каде главен е секретарот на судот, кој таму работеше 40 години, а тоа е дедото на адвокатот Филип Медарски, јас при тие избори потпишувам само одлука за плата и ова е срамота наспроти непотизмот на синови и ќерки во СЈО и други државни институции – вели тој.

M.В.

Поврзани новости