Палмер: Времето на партиски игри и бегање од одговорност заврши

by fokus

САД силно ја поддржуваат Северна Македонија во реализацијата на своите стратешки цели – полноправното членство во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија.

Ова го истакна Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, на средбата на маргините на Бледскиот стратегиски форум со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ, подвлече Палмер на средбата.

На средбата, како што соопшти МНР, фокусот на разговорите беше ставен на динамиката на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО и севкупното значење од интегрирањето на земјата во Алијансата, како и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, за регионот и пошироко. Беа разменети мислења и за внатрешно политичките актуелности во земјата, а се разговараше и за случувањата во соседството.

– Северна Македонија постави пример во решавањето на политичките прашања и отворањето на подобри перспективи за своите граѓани. Криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, неказнивоста во земја членка на НАТО со европска иднина, не е опција, е истакнато на средбата.

Шефот на дипломатијата Димитров од своја страна рече дека „НАТО промовира стабилност и во време на неизвесност, мудро е да го забрзаме процесот на интеграција за да го зацврстиме регионот и да го прифатиме своето европско ветување“.

Шекеринска се заблагодари на конзистентната поддршка од САД за членството на нашата земја во ЕУ и НАТО и потенцираше дека владата нема да дозволи ништо да застане на патот на интеграциите во НАТО и ЕУ.

Поврзани новости