Пајакот во Охрид го крена автомобилот на гајдаџиката Јовческа среде снимање и ја прекина романтичната сцена!

by fokus

Имаме и добри момци кои што работат во пајак службата, полни со разбирање – вели гајдаџиката и фолк пејачка Елена Јовческа, чиј автомобил вчера бил кренат, па повторно спуштен од пајак службата во Охрид.

Настанот се случил додека таа снимала видео запис за песната ,,Не ме допирај”, и кога вработени во продукцијата задолжена за снимање забележале дека пајак го крева нејзиниот автомобил, веднаш потрчале да им објаснат на службениците за што станува збор.

-Додека се снимаа романтичните сцени за видео спотот, некој од тимот забележа полиција и пајак служба како го подига мојот автомобил. Веднаш се прекинаа сцените, потрчаа момците да и објаснат на полицијата дека се снима, но отпрвин тие не им поверувале.

–Да ја видиме пејачката првин, инаку не ви веруваме – им рекле. Морав и јас да се симнам доле, па кога сфатија дека навистина снимаме, ми ја спуштија колата. Многу сум им благодарна, бидејќи навистина згрешив, во брзање, поради високите потпетици со колата паркирав до фабриката каде што снимавме, за да не одам пеш преку пат – ни раскажа Јовческа.

Додава дека по настанот продолжиле со снимањето, но вели и дека ја научила лекцијата и во иднина ќе внимава каде паркира.

Пајак службата во Охрид работи доста посветено, посебно во летниот период, кога градот е полн со туристи. Она што е интересно, а го прераскажуваат возачи чии автомобили им биле подигнати и морале да платат казна за да си ги земат, е дека на фискалната сметка која што ја добивале, под сумата од околу 1.500 денари било напишано – Повелете пак!

Вики Клинчарова

Поврзани новости