Пахор: Ако конференцијата се одложи, тоа може да ги загрози интересите на Северна Македонија

by Fokus

Меѓувладината конференција да се одржи веднаш и без одлагање. Ова е приликата што ЕУ не смее да ја пропушти, недвосмилено и директно порача денеска словенечкиот претседател, Борут Пахор по средбата со неговиот домаќин, македонскиот претседател, Стево Пендаровски.

Пахор јасно кажа дека конференцијата не смее да се одложи зашто тоа ќе доведе до инерција која може да трае долго време и сериозно да ги загрози интересите на Северна Македонија, на регионот и на ЕУ.

Затоа, подвлече Пахор, сега треба, без одложување, по тивките, како што рече, дипломатски канали, но и отворено, на ниво на ЕУ, да се најдат сите патишта меѓувладина конференција да почне.

-Не можам да кажам колку е тоа важно. Мојата посета тука не е случајна, не е случајно ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска ветшина да стори сé меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуалниот пристап, потенцира Пахор на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Предизвикот, дополни, е многу голем, но со вешта дипломатија и цврста одлука да се почитуваат постигнатите договори, може да се реши. Северна Македонија, потенцира Пахор, последните години направи толку многу за да ги исполни сите услови на ЕУ, така што сега би било неверодостојно ако сега во ЕУ би се нашле некои што би сакале да ги одложат билатералните разговори меѓу Северна Македонија и Унијата.

Поврзани новости