Оваа земја е сѐ што имаме

by fokus

Отстапувањето од традиционалните вредности и особености, од суштината и срцевината на националното битие на овој народ, на нашите политичари или членови во различните европски тела и комисии, не го олеснува патот, ниту ни ја отвора вратата кон Европа, туку нѐ прави нас ситни, безначајни и периферни

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

          Рано утро, сонцето се насмевнува таму од кај Скопска Црна Гора и го буди Водно, кое сето раззеленето го гушнало градот што почнува да се буди. Најмногу го сакам овој дел од денот кога славејчињата пеат сѐ уште ненадгласани од градската бучава, кога го пијам утринското кафе и кога сум сам со своите мисли.

Тогаш во тие мигови, сиот свет можеш на дланка да го сместиш. Минатото и сегашноста се преплетуваат и не им ја знаеш границата, а мислите летаат, се раѓаат неоптоварени од секојдневието и од болната и мачна реалност. Само тогаш успеваш да ги доживееш чувствата како што ги доживува дете, неоптоварено, без искривување и заматување со филтрите на возрасните, всадени во секој од нас, кои служат само да ги  измамат и другите и самите себеси, црното да го направат сиво, а белото да го избербатат.

МЕХАНИЗМИ И КОЧНИЦИ

И токму поради тие механизми и кочници, филтри во нас, честопати не ја согледуваме реалноста, не мериме со наши мерила, туку со туѓи правила, се претопуваме во безличната маса на просечноста. Туѓите лаги стануваат наша вистина. Доброволно стануваме туѓи марионети вредни колку глас на гласачко ливче, од нашите вредности се откажуваме, а ги прифаќаме туѓите безвредни и шупливи квазивредности.

А, токму тоа во последните децении ни се случува, почнуваме да  ги губиме навиките, мерилата и традицијата што опстојале низ вековите, полека бледнеме како народ, напуштајќи ги огништата, особеностите, културата и националните обележја, сѐ повеќе претопувајќи се во сивата безлична маса произлезена од глобализацијата.

Ниту една голема цивилизација не била освоена однадвор сѐ додека таа не почне да се распаѓа и гние однатре. Исто е и со државите, општествата, луѓето, никој ништо не им може однадвор, сѐ додека не почнат да се распаѓаат внатре, тогаш стануваат ранливи и лесен плен. Тоа се случи во минатото со многу држави и нации, кои разјадени внатре, разединети и раскарани, станаа лесен плен на туѓите интереси, аспирации, политики и потреби.

Денес е најмалку потребно оружје и воена сила за да се пороби, потчини и освои друга држава, нација или народ. Доволно е да се посади семето на раздорот, да се почека да из’рти, да се внесе капитал со откуп на неколку стратешки области и државата полека, но сигурно станува зависна и потчинета.

Ако згора на тоа се инсталираат во врвот на државата необразовани, суетни, некадарни и веќе корумпирани политичари, кои ги држите во рака и кои стануваат марионети и послушници, полека почнува да се разјадува и националното ткиво, а националните и државни  интереси се маргинализираат, ралативизираат и остануваат неартикулирани.

НАЦИОНАЛНИ ОСОБЕНОСТИ

Токму поради тоа, нашата нација и идејата за самостојност и своја држава опстанала низ векови, и покрај освојувањата, поробувањата, константната асимилација и постојаното негирање и прекројување на историјата, националните обележја, културата и јазикот. Единството и негувањето на националните особености, свесноста за својот идентитет и  истрајноста и решеноста да се опстои и сочува посебноста и огништата на своите предци овозможиле овој народ да опстои, и покрај сите страдања, понори и премрежја што ги поминал.

Денес кога вековниот стремеж и сон е остварен, кога Македонците се свои на своето, разделени сме, раскарани, завадени и полни со омраза, како никогаш до сега. Националните обележја се распродаваат, историјата се прекројува, идентитетот се релативизира, а националните интереси не се ни артикулираат, дефинираат, ниту постои единствен и еднаков став за нив.

Без дефинирани национални интереси, не е ни можно тие да се бранат, а поделбата на патриоти и предавници е паушална, дневно-политичка и партиска будалштина. Отстапувањето од вековните обележја и суштината на битието на македонскиот народ, тргување со нив, нивно маргинализирање и релативизирање, кокетирање со Европа, каде што се залог идентитетот и посебноста, полека го разнебитуваат овој народ и почнуваат скапо да нѐ чинат.

ЕВРОПА Е ЗБИР НА КУЛТУРИ

Откажувањето од националните интереси и обележја не може и не смее да биде услов за градење граѓанско општество и приклучување кон европското семејство. Грешат тие што сметаат дека  едното го исклучува другото, не сфаќајќи дека е токму обратно, едното е предуслов за другото. Никој никогаш не опстојал негирајќи се себеси, ниту, пак, влегол во европското семејство без да покаже дека е национално освестен и зрел, свесен за своите културни и национални обележја и посебности.

Впрочем, Европа и е збир на различни култури и нации, кои се надополнуваат и се потврдуваат, а не се исклучуваат и негираат. Силата на Европа не е во еднообразноста и исклучивоста, туку е во многубројните различности, кои се надополнуваат и функционираат како еден организам. Отстапувањето од традиционалните вредности и особености, од суштината и срцевината на националното битие на овој народ, на нашите политичари или членови во различните европски тела и комисии не го олеснува патот, ниту ни ја отвора вратата кон Европа, туку нѐ прави нас ситни, безначајни и периферни.

Во здрав народ речиси секогаш постои нешто со што не се согласуваат сите, но само така мислата на единството и тежнеењето за него се одржува живо. Народ кој нема храброст да направи нешто, на крајот ќе ја изгуби и вербата во себе. Токму затоа, никогаш не треба да заборавиме кои сме и што сме и каде и да одиме или стигнеме, не смееме да дозволиме патот да нѐ смени, туку треба да бидеме горди на себе и на своите корења, ништо не е поскапо и подрагоцено од тоа.

Поврзани новости