Отворено писмо од родителите на починатата Анамарија: Првиот пат нашата ќерка беше погребана од докторите, вториот од државата

by Fokus

Пред три години на скопската Клиника за инфективни болести почина 12-годишната Анамарија С. чии родители веќе со години водат правна битка. Тие доставија отворено писмо до „Фокус“, кое ви го пренесуваме во целост:

Со голема тага и уште поголем револт сакаме да ја информираме јавноста дека по три години и неколку месеци од смртта на нашата ќерка Анамарија Себишка,  од Јавното Oбвинителство не информираа дека го отфрлаат нашето барање за судски процес на кој требаше да се докаже вистината како едно младо девојче (без никакви претходни заболувања) почина за само неколку часа по приемот на Клиниката за Инфективни болести ноќта помеѓу 28 и 29 јануари, 2015 година.

За трагичниот настан многу се говореше во јавноста и по медиумите,  но Обвинителство и по двете пријави(нашата и онаа по јавно допрен глас) на 30 јануари 2017 година се донело одлука да нема судење бидејќи немало обдукција која задолжително морала да се направи доколку пациентот почине во период од 24 часа по приемот на клиниките.

Во обрзаложението стои дека Одборот за судско медицинско вештачење на 31 мај, 2016 година констатирал дека не постојат минимум потребни податоци за вештачење по документи и од тие причини едногласно констатирале дека не можат да се изјаснат за причините за смртта на Анамарија.

Ова за нас отвора нова дилема и прашање ДАЛИ ДОКУМЕТАЦИЈАТА Е ЦЕЛОСНА?  Kако комисиите на Министерството по истата документација се произнесоа дека нема грешки во третманот на нашата ќерка, а членовите на Одборот за судско вештачење не се во можност да го потврдат истото?

Со оглед дека немавме можност да се соочиме на суд со докторките Билјана Петреска, Катерина Спасовска (од Инфективна) и Весна Мицевска (од Детска клиника) јавно сакаме да им поставиме неколку прашања:

1.Зошто при покачен шеќер дававте инфузија со раствори кои го качуваат шеќерот?  Зошто не се консултиравте со еднокринолог?

2.Зошто и дадовте АЛБУМИНИ без претходно да не информирате за можните последици?

3.Зошто веќе кога решивте да и давате албумини(кои често предизвикуваат шокови) тоа го направивте без АНЕСТЕЗИОЛОГ?

  1. Зошто на крајот, откако го предизвикавте шокот со албумините, не ја реанимиравте со ЕЛЕКТРОШОКОВИ или дефибрилатор.

5. Како последно можеби и најважно ДАЛИ ПОСЛЕ СЕ, ВО ИСТИ УСЛОВИ ИСТАВА  ТЕРАПИЈА БИ СИ ЈА ДАЛЕ САМИ НА СЕБЕ ????

Сакаме да им поставиме прашања и на министрите (на претходниот и на актуелниот)

–  ОД КАДЕ Е ПОТЕКЛОТО на состојките (албумините и другите состојки во инфузијата) кои предизвикаа смрт кај нашата ќерка.

– Зошто Комисиите по смртта на Анамарија беа составени само од вработени во Клиниките и Министерството ( дали се уште верувате во нивната објективност со оглед дека ја оценуваа работата на нивни колеги)

– И каков е вашиот став по однос на одбивањето на Одборот за судска медицина да вештачи по истата документација?

На крајот имаме прашање и за Јавниот обвинител Јован Цветановски, потпишан на одлуката за одбивање на кривичната пријава против трите докторки која ја добивме во април 2018, а била донесена на 30 јануари 2017 година.

ЗОШТО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА ПРЕДМЕТОТ Е ЧУВАН ВО НЕЧИЈА ФИОКА?

Јавноста треба да знае дека прво назначениот обвинител Ненад Савевски, кој ја почна истрагата, кај кого дадовме изјава и во кој имавме голема надеж беше сменет…..Ние родителите и по четирите писмени барања, испратени преку адвокатката Билјана Јадранкиовска, не добивме никаков одговор и не успеавме да дознаеме кој е новиот  обвинител што го презема случајот. Во потрага по лицето кое е назначено на местото на обвинителот Савевски, ние по низа перипетии добивме информација дека е отфрлена нашата кривична пријава против докторките Билјана Петреска и Катерина Спасовска од Инфективна и Весна Мицеска од Детска клиника.

Дали е можно во една организирана институција каква што треба да биде Јавното обвинителство странките да талкаат по одговор каде е нивниот предмет, а  предметот веќе да е решен и да се крие од нив? Дали е злоупотреба, манипулација или кршење на човековите права тоа што вашата институција молчеше (или ја криеше) одлуката донесена пред повеќе од една година.

Нашата загуба со ништо не може да се надомести, но судската разврска требаше да биде порака дека никој не може да биде над  правдата, особено кога се работи за  човечки живот…  и сето тоа  за да не се повтори …. ЈА ОДНЕСОВМЕ НА  НОЗЕ, НИ  ЈА  ВРАТИЈА ВО САНДАК.

Вака како  што сега  стојат  работите првиот пат Анамарија  беше погребана од докторите……вториот од ДРЖАВАТА. Имаме ли правна држава?

Од родителите на Анамарија С.

Поврзани новости