(Интегрално) Отворено писмо до претседателот Иванов

by Фокус 19:20
19:20

Овојпат ти се обраќам со зборовите на Цицерон упатени на Катилина во римскиот Сенат, кога последниот правеше ,,заговор“ против Римската република: „Па, до кога така, па до кога така ќе го злоупотребуваш моето трпение, о, Катилина“?

Како Цицерон, и јас сум вознемирен по твојот разговор со новинарот Јанко Илковски на Сител 3 во емисијата „Јади бурек“ од 27 март 2014 година, кога тврдеше дека кинескиот претседател ја имал „мојата книга во која има делови за Конфучие, за Лао Це, за таоизмот и за будизмот“. Коректно е јавноста да знае дека не станува збор само за твоја, туку за заедничка книга „Политички теории – антика“ објавена во 2006, а потоа преиздадена во 2010 година. И самиот знаеш дека коавторството во таа книга се движи во сооднос не помал 95-5 во полза на постариот автор.

- Advertising -

А кога зборуваш за посочените делови од книгата, во нив нема ниту еден твој збор зашто никогаш не си ја проучувал кинеската политичка мисла. Не е чесно што го игнорираш името на главниот автор кој ти бил професор и ментор и кој ти ги пишувал рецензиите за твоето напредување во академската кариера од асистент до вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. И самиот знаеш дека такви примери на игнорирање се ретки во универзитетска средина и дека на нив се гледа со презир и со револт.

БЕШЕ ПОД НИВОТО НА ТРАЈКОВСКИ И НА ЦРВЕНКОВСКИ 

Стравувам да не ме исфрлиш и од втората книга „Политички теории – среден век“, која излезе од печат во 2012 година, со речиси ист сооднос на коавторство како и во првата книга. И на оваа книга ѝ се радуваше многу како и на првата, што ми беше драго бидејќи тоа беше знак за мене дека сѐ уште те привлекува науката. Во таа книга посебно ги акцентирав оние содржини кои можат да ти помогнат подобро да ја извршуваш државничката функција, тргнувајќи од искуството на Јован Златоуст, па сѐ до искуството на кардиналот Ришелје. Сакаше да ја претставиме книгата и пред јавноста, а потоа се откажа, без лично да ме известиш за твојата одлука.

Знаеш дека и третата книга „Политички теории – нова доба“ е во подготовка. Првиот дел веќе го имаш видено во ноември 2012 година во мојата библиотека во Дојран. Виде дека во неа станува збор за револуционерна мисла и за нејзините претставници во Европа, Америка и во Русија, тргнувајќи од Томас Хобс, па сѐ до Петар Кропоткин. По интервјуто на Сител, одлучив да те изоставам како коавтор од третата книга.

Радикално го променив мислењето за тебе како човек, во негативна смисла. Особено по настаните од 24 декември бидејќи и ти имаш одредена заслуга за насилството што се случи. Најмногу поради тоа одбив да те поддржам за втор претседателски мандат кога тоа беше побарано од мене на 18 декември 2013 година. Тогаш бев замолен да те поддржам, со образложение дека си „постигнал повеќе од она што од тебе се очекуваше“. Истата оцена ја слушам деновиве од страна на министрите, вклучени во твојата изборна кампања за втор претседателски мандат.

Сепак, немам таква оцена каква што ја имаат министрите и некои   аналитичари од твоето блиско опкружување што посакуваат некоја нова функција, пред сѐ, во дипломатијата. Твојот сегашен претседателски мандат го оценувам негативно, под нивото на мандатите на Трајковски и на Црвенковски. И првиот и вториот оставија барем некакви траги за паметење и за пофалба. Првиот храбро го запре законот за привилегиите на пратениците, а вториот имаше доблест да организира и научни дебати во Кабинетот, иако не беше човек од науката.

Да те потсетам на зборовите што ми ги рече  во твојот кабинет на Правниот факултет во јануари 2009 година, пред да ја почнеш кампањата за прв претседателски мандат:

„Професоре, јас одлучив да се кандидирам за претседател на РМ. Со Никола Груевски разговарав и тој ме поддржува. Тој разговарал и со Али Ахмети за поддршката на мојата кандидатура. Прво вам ви ја соопштувам одлуката. Сакам и вие да ми се придружите. На вас многу сметам. Вие треба да го предводите мојот советнички тим. Во него ќе биде и проф. Јозеф Марко од Универзитетот во Грац. Поддршка добив и од американските професори со кои соработувам“.

Слично им рече и на македонските генерали во хотелот „Континентал“ кога побара од нив поддршка за првиот мандат.

СЕ СОГЛАСИ ДА БИДЕШ БЕЗГЛАСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ

Но, откако стапи на претседателскиот трон, молчешкум се откажа од реченото. Советничкиот тим никогаш не си го викнал да поразговараш за прашања од твојата надлежност. Мене ме одбра за советник за уставни прашања, но никогаш не ме праша за одреден  закон дали е уставен. Ми додели кабинет во претседателската палата,  во мир да ги пишувам нашите заеднички книги, но не и да разговараш со мене за проблемите на уставното уредување во земјата:

„Професоре, одберете си кабинет што ви одговара. Овде ќе имате мир за пишување. Ќе ве чува мојата гарда“!

Само еднаш ми постави едно прашање од уставен карактер:

„Што мислите дали постои уставна основа поранешниот претседател  Бранко Црвенковски да троши 8 отсто од Буџетот на претседателот на Републиката, а во исто време да биде и лидер на опозицијата?“.

Прашањето е на место и треба пошироко да се разгледа, ти одговорив. Правата на шефот на државата се утврдени со Уставот, а таму не фигурира правото на пензија со претседателска плата. Ова право Црвенковски го црпи од Законот за правата на претседателот од 1999 година, донесен по престанокот на функцијата на првиот претседател Киро Глигоров. Потоа, привилегиите се двапати надѕидувани високо до „небото“, непознати за мала и сиромашна земја како што е нашата.

По ова што го изложив, можеш да заклучиш дека и јас не ти верувам во тоа што го повторуваш повеќепати „дека си чесен, дека си искрен и дека си вреден човек“. Особено кога тоа го кажуваш во времето на изборната кампања, кога посилно се носи „јаремот на страста“, отколку „јаремот на честа“ или „јаремот на правдата“.

Кажуваш дека не си се променил овие пет години, дека си останал ист и дека си отпорен на привилегиите што ти ги нуди државната власт. Сакаш да кажеш дека си исклучок од правилото, дека си „македонски Ганди“! А не си тоа, ниту сакаш да бидеш. Забележувам катадневно дека не си веќе тоа што си бил пред пет години, дека од човек со збор си се претворил во човек што не држи до збор, од професор си станал државен службеник. Мислам дека со тебе се случува тоа што Монтескје го забележал  во „Персиските писма“, кога е во прашање Ибрахим, чуварот на сарајот во Исфахан: „Ти си повеќе Ибрахим за еден ден, отколку оној Ибрахим што бил десет години“.

Не зборуваш за твојата одговорност, а имаш крупни пропусти и грешки, ретки во споредбеното уставно право. За пет години не си се осмелил да запреш ниту еден од 900 -те донесени закони. Напротив, со тоа се гордееш бидејќи знаеш дека само тоа може да ти ја донесе втората кандидатура. Суспензивното вето го сфаќаш исклучиво како право, а не и како обврска. Се откажа од него целосно, иако е тоа  моќна алатка во твоите раце за ограничување на законодавната власт. Самиот се согласи да бидеш немоќен и безгласен претседател.

НЕ ЈА ЗАШТИТИ АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ

Во август 2009 година го потпиша указот за прогласување на Законот за Собранието на РМ, без да го консултираш советникот за уставни прашања. Да го запреше, веројатно не би се случило исфрлањето на пратениците од парламентарните клупи на 24 декември. Без расправа го одби и моето барање за запирање на Законот за лустрација од 2012 година. Молчешкум се согласи да им се суди и на починатите лица и Законот да се применува во повеќе  времиња: дамно минато, блиско минато, сегашно и идно време. Таква конфузија на важење на еден закон не е забележана во областа на правото, уште од времето на Хамураби од 1752 пред новата ера.

Ако не ми веруваш, тогаш прочитај го мислењето на Венецијанската комисија од декември 2012 година за тој закон, па ќе видиш што ни се случило и што сѐ може да ни се случи до 2019 година. Станува збор за насилство врз правото и за тешка повреда на човековите права, санкционирани  во две пресуди на Европскиот суд за човекови права од 2006 година. На секој правник што се согласува со таков закон треба да му се одземе универзитетската диплома и повторно да се врати во факултетските клупи.

Не покажа разбирање ни за медиумските слободи, иако беше новинар пред да дојдеш на Универзитетот. Не те трогна ни случајот ,,Кежаровски“, иако тој случај доби меѓународна димензија. Човекот е во затвор затоа што во вршењето на професијата се држел за  медиумските слободи гарантирани со Уставот на РМ. Забележав дека и за тебе зборот „устав“ нема речиси никакво значење. Затоа го стави советникот за уставни прашања настрана, без да ја известиш јавноста за тоа до денешен ден.

Не презеде ништо ни за заштитата на автономијата на универзитетот, иако таму ги стекна сите академски звања, од асистент до редовен професор. Поради тоа расте и незадоволството на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кон тебе, кога е во прашање твојот однос кон високото образование и неговата иднина.

Забележувам дека со омраза зборуваш и за квалитетот на високото образование од времето кога ти си студирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веројатно поради тоа што правните студии си ги завршил со седумка. А по изборот за претседател си станал академик од европско и од светско значење, си се вивнал до „врвовите на Харвард“ и си станал „почесен професор“ на Ломоносов.

БЕЗ ОПОЗИЦИЈА, НЕМА ДЕМОКРАТИЈА

А сега два-три збора за тоа зошто не треба да го добиеш вториот мандат. Прво и најзначајно е тоа што не си подготвен да бидеш независна личност, што немаш желба да излезеш од рамките на партијата, што стана човек без нови идеи, од полза за иднината на Македонија. Забележувам дека сакаш да бидеш повеќе зависен, отколку слободен и дека повеќе го гледаш личниот, а помалку јавниот интерес.

Се сеќаваш ли на мојата молба да бидеш за нас она што е Иво Јосиповиќ за Хрватска. Тогаш, во писмото што ти го испратив во   јануари 2010 година, те потсетив на изјавата на партискиот лидер Зоран Милановиќ во врска со победата на нивниот кандидат на претседателските избори: „Победи човекот, а потоа партијата“. Ти го одбра второто, не сакаш да бидеш прв, туку втор во хиерархијата на државните функции.

Инсистираш и натаму на периферна улога на претседателската функција. Без да размислиш, ја прифаќаш тезата дека е добро што  „работиш тимски“, дека е полезно за земјата што си „дел од тимот, составен од  пратениците, премиерот, министрите и од локалната власт“. Не сакаш да видиш дека тоа е фузија на различни власти, својствена на собранискиот систем од времето на социјализмот. Со таква теза го уриваш уставното уредување на земјата, засновано врз начелото на поделба на власта, како да правиш „заговор“ против Уставот.

Наведената теза е неприфатлива и од гледиште на парламентарната демократија во Македонија. Во тимот влегуваат само носители на власта, но не и опозицијата, а се претставуваш како претседател на сите граѓани. Опозицијата ја исклучуваш од тимот како да не постои, кон неа имаш негативен однос, како да не знаеш дека без неа нема демократија и напредок на земјата. Сакаше и мене да ме втурнеш против неа, иако знаеш дека сум опозиционер уште од 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и ДП ги бојкотираа претседателските и парламентарните избори поради фалсификат.

ГЛЕДАШ ВО МИНАТОТО КАКО ДА СИ КОНЗЕРВИРАН

Со гордост тврдиш дека му служиш на народот, наведувајќи податок дека преку твојот кабинет на Водно поминале над 5.000 граѓани. А не си одговорил лично на ниту една претставка поднесена од граѓаните. Одговорите си ги отстапил на твоите службениците, како да се работи за нешто што е без значење. Затоа сè што броиш во твојата кампања не треба да се брои. Тоа е мојата порака до граѓаните.

Мотото за вториот претседателски мандат не е јасно ни за граѓаните, ни за науката. Зборуваш дека „државата е пред сѐ“, а притоа не се произнесуваш за каква држава се залагаш, за асномска или за охридска Македонија. А во 2001 година тврдеше дека македонскиот народ со Рамковниот договор престанал да биде „националитет“ и станал „етницитет“. Ако е така, тогаш грешиш кога лесно го одбиваш предлогот на ДУИ за „консензуален претседател“. Од Бадентер, па натаму, сите бараат нови идеи за иднината на Македонија, а ти гледаш во минатото како да си конзервиран.

Да те потсетам на уште еден факт што само ти го знаеш, а од што немаш гајле. Ти реков уште во јануари 2009 година, пред да почне изборната кампања, дека ќе те следам во чекор и дека ќе пишувам книга во која ќе те критикувам најостро, ако отстапиш од високите прагови што ти ги поставив во изборната кампања. Ветено-сторено. Дел од оцените веќе се изложени во моето најново дело „Научно толкување на Уставот на Република Македонија“.

Те поканувам да дојдеш на претставувањето на тоа дело што ќе се одржи на 12 април 2014 година во 15 часот на Саемот на книгата во Скопје. Ќе го чуеш мојот глас изворно за претседателското вето на сите четири претседатели на РМ. Ќе стане збор и за твојот однос кон медиумските слободи, за автономијата на високото образование, како  и за твојата улога во настаните од 24 декември и формирањето на ад хок комисијата за утврдување на уставноста на тие настани.

По прочитувањето на оваа книга ќе видиш зошто не ти ја дадов поддршката за вториот претседателски мандат и зошто би застанал со задоволство зад барањето за твој импичмент, ако тоа го побараат две третини од пратениците од новото избрано Собрание на Република Македонија или 150.000 граѓани. Услови потешки за твој отповик од оние за Шарл де Гол или за Барак Обама!

Дојран, 5 април 2014 г.                         Проф. Светомир ШКАРИЌ

Поврзани новости