Отворено писмо до Билјана од Антикорупциска: Ќе има ли истрага за случајот „Темелко Ристески“!?

by Fokus 12:40
12:40

„Темелко“ опфаќа момент на партизација, злоупотреби на буџет, злоупотреби на министерство во изборни цели, опфаќа можен цел систем на злоупотреби на државни пари за партиска предизборна агитација

Почитувана Билјана Ивановска, претседателке на ДКСК

Во моментов кога го пишувам ова, минува 14-от ден откако стоев пред таблата на институцијата што Вие ја водите, со копија од Извештај за работа од Министерството за одбрана, барајќи да се отвори истрага за случајот „Темелко 9.000 евра Ристески“, каде што стои пишување статуси, агитациски постови и комуникација во насока на политички ангажман во изборни цели. И досега немам слушнато дека е почнато, дека е отворена „папка“ за Темелко и Одбрана!

„Темелко“ е случај на огромен корупциски скандал од делот на високата корупција. Опфаќа момент на партизација, злоупотреби на буџет, злоупотреби на министерство во изборни цели, опфаќа можен цел систем, разгранета мрежа на злоупотреби на државни пари за партиска предизборна агитација.

АНГАЖИРАН СО ДОГОВОР ЗА ДЕЛО

 „Темелко“ создава сомнеж и за злоупотреби на државни, буџетски пари за надоместување „експерти“ потребни на власта при јавни расправи, било во македонското Собрание, било низ медиумите, за решенија од корист на власта. Отвора сомнеж и при носењето одлуки за правосудниот систем, при одлуки за намалување или помилување на осудени лица.

Случајот „Темелко“ е многу повеќе од Извештајот за сработено поднесен од ангажиран на Договор за дело, притоа, ангажиран од Министерство за одбрана, во период од две години со два изборни циклуси, 2019 и 2020 година, за што наплатил 9.000 евра.

Би Ве потсетил на два медиумски моменти токму во овој период. Првиот е од „Радио Слободна Европа“, од 22 март 2019 година, во предизборието, кога е објавена анализа „Антикорупциска ќе следи дали партијата и државата се мешаат во кампањата“ и во која е пренесен дел од интервју со Вас.

Поднасловот е „Финансирањето на партиите, евентуалното незаконско користење на буџетските средства и човечки ресурси во кампањата, ќе биде во фокус на Антикорупциската комисија пред изборите. Мешањето на државата од партијата е главен предизвик и пред овој изборен циклус“.

Верувам дека овие активности токму вака како што се наредени и цитирани не важеле само за 2019 година, туку за сите избори, што значи и за 2020, летото, токму кога Темелко Ристевски поднесува Извештај дека напишал 10 статуси, две агитациски писма, разговарал со лидери на политички партии и за тоа го известува Министерството за одбрана како Договорец на дело. Куриозитет на целата приказна е што втор извор за оваа анализа на РСЕ, е токму Темелко Ристески!

УЛОГАТА НА ДКСК

Вториот момент во медиумите би ја навел публикацијата „Улогата на Државната комисија за спречување корупција за време на предвремените парламентарни избори во 2020 година“ од автор Снежана Камиловска, издание на Институт за демократија „Социетас Цивилис“. Таму стои (вадам делови во интерес на просторот)

„Доколку ДКСК утврди постоење сомневање за прекршување на одредбите од Изборниот законик за забрана за употреба на буџетски средства, односно забранети дејствија на јавните институции од денот на распишување на изборите по сопствена иницијатива или по поднесен приговор од организатор на изборна кампања, отвора постапка за утврдување на фактичката состојба…

Со ставање на сите овие надлежности во рацете на ДКСК е да оневозможи каква било злоупотреба од страна на организаторите на изборниот процес, да се оневозможи тргување со влијание и да се спречат какви било облици на корупција кои може да имаат влијание врз самиот изборен процес.“

Интересно, јас не најдов временска рамка за спроведување на овие активности. Уште повеќе што не верувам дека би требало да се чека изборен процес за да се проверуваат и спречат вакви идни активности. Дотолку повеќе што СПРЕЧУВАЊЕ е дел од името на институцијата што Вие ја предводите.

Темелко Ристески во меѓувреме ја призна вистинитоста на извештајот и неговата содржина. Медиумите објавија, а ниту Темелко, ниту Одбрана не ги негираа исплатените финансиски надомести тешки над 9.000 евра за Темелко. Ќе се вратам на анализата на РСЕ, во која токму Темелко Ристески вели дека штом се забележат некакви „…сомнителни дејства треба да критикуваат, да жигосуваат, а ако дојде до злоупотреба на позициите, да иницираат поведување одредени постапки пред надлежните институции“.

Еве јас „жигосувам“, го посочувам случајот Темелко и неговиот извештај. Но, недостасува институционален одговор дали ова е или не е корупциски скандал. А тоа е веќе Ваша работа, Билјана.

Во меѓувреме, статистички 215.000 работоспособни, а не пензионирани професори, ги нема во Македонија.

Со почит,

Наум Стоилковски

Поврзани новости