Отворени 3.480 избирачки места, започна гласањето на шестите локални избори

by fokus

Во 7 часот утрово беа отворени 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје, со што започна гласањето за шестите локални избори во Македонија.

Право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и за 372 листи за членови на општински совети. За избор за градоначалник и за Советот на Град Скопје, право на глас имаат 461.321 граѓани на 675 избирачки места.

За да биде избран градоначалник во првиот круг на гласање, треба да излезат третина од запишаните гласачи во општината, а половина од нив да гласаат за еден кандидат. Ако во првиот круг на гласање ни еден кандидат не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. За градоначалник ќе биде избран кандидатот кој добил поголем број гласови во вториот круг.

Вториот круг за локалните избори е закажан за две недели, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот, по што следи изборен молк.

За следење на претстојните локални избори во Македонија, во Државната изборна комисија досега се акредитирани се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Од домашните организации, најголем број акредитирани набљудувачи има невладината организација МОСТ – 2.843, Здружението на граѓани ЗХА „Синергија“ од Штип 1.829, Цивил – Центар за слобода 191.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР изборниот процес ќе го следи со 198 набљудувачи, Амбасадата на САД во Македонија со 33, Делегацијата на ЕУ со 23. Набљудувачи имаат акредитирано и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и Словачка, а акредитирани се и 294 преведувачи.

 

 

Поврзани новости