Отворен патот Бегај да стане нов претседател на Албанија

by fokus

Албанскиот претседател Илир Мета потпиша уредба со која го отповикува од функцијата началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Бајрам Бегај и го стави во мирување неговиот армиски ангажман, со што го отвори патот за негов избор за шеф на државата.

Уредбата ја потпиша во живо во Истанбул каде е во официјална посета, отфрлајќи ги шпекулациите дека „намерно отпатувал за да го попречи изборот“.

Мета претходно телефонски разговарал со министерот за одбрана, Нико Пелеши, кој му потврдил дека Бегај доставил барање за ослободување од армиската функција.

Според Уставот, воен старешина не може да биде избран за цивилна функција доколку не е отповикан и не му се стави во мирување армискиот ангажман. Таков беше случајот со Сандер Лешај кој се откажа од ангажманот во армијата, па Мета ја потпиша уредбата за министер за внатрешни работи.

Гласањето во Парламентот е на пленарната седница закажана за 18 часот. За да биде избран потребни се 71 глас, што социјалистите ги имаат.

Тоа ќе биде четвртиот од вкупно пет кругови на гласање, колку што предвидува Уставот. Првите три, во кои неопходни беа 84 гласа пропаднаа поради немање кандидат. Опозицијата која требаше да предложи, да се разговара и да се постигне консензус, не го стори тоа.

Поврзани новости