Отворен Балкан 2022: Инструмент за соочување со кризи

by Fokus

Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) од Љубљана, Словенија, редовно ги анализира настаните на Блискиот Исток, на Балканот и низ целиот свет. IFIMES подготви анализа за актуелната политичка ситуација во Западен Балкан по повод неодамна одржаниот самит на лидерите на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ во Белград.

Од опсежната анализа „Отворен Балкан 2022: Инструмент за справување со кризи – зима 2022/23“, ги издвојуваме најважните и најинтересните делови, објави IFIMES.org.

Отворен Балкан 2022:

Инструмент за соочување со кризи – зима 2022/23

На први и втори септември 2022 година во Белград се одржа самитот на иницијативата Отворен Балкан, заеднички проект на Србија, Северна Македонија и Албанија, создаден со идеја за слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, учествуваа на Самитот на лидерите на регионалната иницијатива Отворен Балкан. Размислувањето за иднината и барањето оптимални решенија за сложената ситуација во регионот на Западен Балкан беа главните насоки на собраните политички лидери.

Економскиот просперитет е незамислив без добрососедски односи, регионална соработка и елиминација на внатрешните тензии. Поголемиот дел од трговијата се одвива во регионот, што е силен поттик за подобрување на билатералните и регионалните односи. Во несигурно и недоверливо соседство нема лидерство и просперитет. Иницијативата е компатибилна со принципите на ЕУ. Тука е исклучително важна меѓусебната помош и размена на искуства меѓу земјите во пристапните преговори со ЕУ. Отворениот Балкан е мировен проект како Заедницата за јаглен и челик, претходник на денешната ЕУ.

Останатите земји од Западен Балкан засега не се приклучија на проектот, но на самитот учествуваа премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. На самитот учествуваа и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу. И овојпат отсуствуваше присуството на претставниците на Косово. Покана за присуство е испратена и до шефовите на дипломатиите на Грција и Италија и најверојатно ќе учествуваат на следниот самит во Тирана.

Отстранување на бариерите

Отворениот Балкан создава нова деловна средина и атмосфера во земјите и регионот и отвора нови можности за соработка. Слободниот проток на луѓе, стоки, капитал и услуги носи и нови економски резултати и нормализација на односите. Отстранувањето на бариерите добива на важност особено за време на пандемијата на ковид-19 и украинската криза, која предизвика енергетска и прехранбена криза. Хроничниот недостаток на работна сила и неговата флуктуација добиваат особено значење. Наскоро ќе се појават легитимации за единствениот пазар на труд и единствена дозвола за работа и престој за земјите-членки на Отворениот Балкан. Единствената налепница за користење на автопатиштата е во завршна фаза. Интегрираните гранични премини веќе го намалуваат времето на чекање на границите и им носат заштеди на превозниците. Економијата на обем и синергетските ефекти директно водат до зголемена трговија. Проекциите за идниот економски развој на овие земји се незамисливи без Отворениот Балкан. Ефектите од Отворениот Балкан во иднина ќе доведат до значителен раст на БДП, дури и до дополнителни 20 до 30 отсто. Односите меѓу земјите во рамките на иницијативата се на највисоко ниво.

Воспоставувањето зелен коридор за транспорт на прехранбени производи на граничните премини доведе до зголемување на трговската размена во овој сектор за околу 20 отсто, а отворањето на наменски ленти го скрати досегашното неколкучасовно чекање на границите на 10 до 20 минути.

Договорот за механизми за обезбедување непречено снабдување со основни прехранбени производи во рамките на Отворениот Балкан предвидува дека кога една од трите земји ќе донесе одлука за забрана за извоз на одредени прехранбени производи, тоа нема да важи за останатите членки на иницијативата.

Идејата на албанскиот премиер Еди Рама резултираше со потпишување на Меморандум за разбирање во областа на кинематографијата и аудио-визуелните активности, како продолжение на претходно потпишаниот Меморандум во областа на културата од јули 2021 година, со кој ќе се воспостави заедничкиот Копродукциски фонд на Отворен Балкан за филмски професионалци. Се отвора можноста за формирање спортска лига на Отворен Балкан во различни спортови.

Фактите ја демантираат реалноста

Отворениот Балкан се повеќе станува регион на можности и развој во кој се разговара и се договара да се сврти кон иднината. Примарните теми се фокусирани на економијата. Недостиг на работна сила има во градежништвото и угостителството, а има потреба и од сезонски работници во земјоделството. Минатото не може да се промени, но потребно е правилно да се справиме со минатото и да работиме на обезбедување подобра иднина со што помала неизвесност. Земјите од Отворениот Балкан досега имаат потпишано повеќе билатерални и трилатерални договори со цел олеснување на меѓусебната трговија, енергетска безбедност, забрзување на пристапот до пазарите на трудот, помош при природни катастрофи, поедноставување на фитосанитарни и ветеринарни процедури, развој на туризам, олеснување на меѓусебното признавање на дипломи и научни звања, развиваат соработка во културата, спортот, екологијата, цивилната заштита…

Постигнатите резултати не се целосно видливи, особено на полето на економијата и економската соработка на земјите собрани во Отворениот Балкан. Побрз проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, забрзан раст на сите економски показатели, подобра и сеопфатна политичка соработка, забрзано решавање на сите меѓусебни проблеми и спорови преку процесот на дијалог и помирување – се доказ дека земјите од Западен Балкан имаат нешто да ѝ понудат на ЕУ, дека тие сакаат, можат, умеат и знаат да соработуваат со ЕУ, дека мораат, и формално и правно, да бидат дел од заедницата на европските народи и дека со векови се Европа, без разлика што сегашната политика и бирократија ги предизвикува и попречува. Отворен Балкан е регионална иницијатива, регионален проект, но не е компензација за членството во ЕУ или некаква чекална за членство во ЕУ.

Забележан е напредок во регионот, но потребни се дополнителни инвестиции во изградба и подобрување на инфраструктурата, особено на граничните премини, како и имплементација на потпишаните договори, со цел целосно да се почувствуваат ефектите од иницијативата.

По воспоставувањето зелени коридори, посебно означени табли „Отворен Балкан“ на граничните премини, како и променет режим на контрола на стоки со потекло од една од трите земји на Отворениот Балкан, процедурите на границите значително се поедноставија и станаа поефикасни. Важен е и потпишаниот договор за заштита и помош во случај на итни случаи.

Тие меѓусебно ќе си помагаат во сите предизвици и немири, кои би можеле да се појават на пазарите на земјоделски производи (пченица, брашно, пченка и други производи).

Забрзано се работи на гасна интерконекција и соработка во изградбата на зелени извори на енергија.

Анализите покажаа дека Отворениот Балкан е формиран пред пандемијата на коронавирусот, така што поединечните држави и целиот регион може поадекватно и поуспешно да се соочат со пандемијата на коронавирусот, но и со енергетската и прехранбената криза, што беше предизвикана од руската инвазија на Украина. Делумниот пристап кон решавањето на пандемијата, енергетската и прехранбената криза носи и делумни резултати. Во регионот се создава сосема нова позитивна атмосфера и амбиент. Постигнатите резултати преку бројки ги демантираат оспорувањата на Отворен Балкан дека наводно се работи за „голема Србија“, „голема Албанија“ и за проект на Џорџ Сорос. Земјите-членки на Отворен Балкан го организираа меѓународниот саем „Винска Визија“, на кој излагачите беа од 26 земји и беше еден од водечките настани во светот во оваа индустрија. Белград беше епицентар на случувањата на Балканот, но другите градови на Отворениот Балкан, Скопје, Тирана, Куманово, Драч, Сараево, Подгорица, Приштина и други градови имаат шанса да станат епицентар на настаните. На долг рок се планира изградба на гасовод меѓу Србија и Северна Македонија, заеднички соларни централи и снабдување преку терминал за течен нафтен гас од Албанија.

Целата сторија прочитајте ја на следниот линк.

Поврзани новости