Отпуштените војници во среда ќе излезат на протест

by fokus

Поранешните професионални војници, кои беа избркани од Армијата, откако наполнија 35 и 38 години, најавуваат дека во среда ќе излезат на протест пред Владата. Велат дека се изманипулирани од Владата, бидејќи иако им беше ветено дека од октомври годинава ќе добијат нови работни места, што беше регулирано и со Законот за служба во АРМ, тоа не се случи.

-На улица сме оставени 82 поранешни професионални војници. Нашето вработување требаше да почне пред два месеци, но се уште ниту еден од нас не е вработен. Затоа излегуваме на улица и тоа во униформа, вели Илија Тодев, гласноговорник на отпуштените војници.

Имено, пред  изборите минатата година, Владата иницираше дополнување на Законот за служба во АРМ, со кој се предвидува сите војници кои ќе навршат 45 години и ќе мора да ја напуштат армијата, како и оние кои веќе биле избркани според претходните старосни ограничувања, ќе добијат ново работно место во државната администрација.

Сепак, за претходно отпуштените, оние кои си заминаа на 35 и 38 години, беше поставен и еден дополнителен услов, односно од 31 декември 2013 треба да имаат статус на невработено лице, а предвидено е и нивното евентуално  ново вработување да започне девет месеци по донесувањето на дополнувањето на Законот, односно од октомври годинава.

-Ем што цела година не смеевме да работиме на друго место, бидејќи ќе го изгубевме правото на вработување во државната администрација, сега повторно сме оставени да гладуваме. Се чувствуваме измамени лично од премиерот Никола Груевски, бидејќи тој ни вети дека ќе се реши нашиот проблем, истакнува Тодев.

Поврзани новости