Отпуштените војници се закануваат со протести

by fokus

Имено, пред  изборите минатата година, Владата иницираше дополнување на Законот за служба во АРМ, со кој се предвидува сите војници кои ќе навршат 45 години и ќе мора да ја напуштат армијата, како и оние кои веќе биле избркани според претходните старосни ограничувања, ќе добијат ново работно место во државната администрација.

Сепак, за претходно отпуштените, оние кои си заминаа на 35 и 38 години, е поставен и еден дополнителен услов, односно од 31 декември 2013 треба да имаат статус на невработено лице, а предвидено е и нивното евентуално  ново вработување да започне девет месеци по донесувањето на дополнувањето на Законот, односно од октомври годинава.

-Станува збор за 120 војници, од кои само 40 го исполнуваат условот да се водат во евиденцијата за невработени од декември 2013 година. Овој услов е небулозен, бидејќи ова значи дека откако сме останале без работа, требало со месеци да чекаме и да гладуваме, или, пак, да сме работеле на црно. Дел од колегите, пак, и да сакале да се пријават како невработени, не им било дозволено, бидејќи го изгубиле ова право поради доцнење при регистрирањето, вели Илија Тодев, координатор на отпуштените војници.

Тодев истакнува дека бараат итна средба со поранешниот заменик министер за одбрана, Емил Димитров, а сегашен  генерален секретар на Владата, бидејќи минатите преговори ги воделе со него.

-Во спротивно ќе бидеме приморани да излеземе на протести, бидејќи не гледаме друг излез. Ова војна ни е најтешката до сега и нема да се откажеме додека не бидат опфатени сите колеги до еден, односно додека сите не го добиеме ветеното вработување, заклучува Тодев.

 

 

Поврзани новости