Отпорот на Босна се слуша до небото!

by Фокус

Пишува
Џелал ХОЏИЌ

Повеќе од две недели граѓаните на БиХ протестираат за социјална правда. Огромната невработеност и големиот јаз меѓу богатите и сиромашните се двете најголеми причини поради кои народот се крена, се осмели и излезе на улиците низ повеќе градови.

Сепак, социјалните протести имаат и друг контекст. БиХ денес е нефункционална држава. Тоа е резултат на разорната војна од 1992 до 1995 година, низ која, за жал, мораа да поминат во борбата за независна и суверена држава. Повеќе од 250.000 жртви, повеќе од еден милион раселени луѓе. Тие слики го обиколија светот и немаше човек на планетата Земја кој не знаеше за страдањата на граѓаните.

Голем број мини и гранати. Некои статистики укажуваат на 100.000 куршуми испукани по жител, а материјалната штета од војната се проценува на 100 милијарди тогашни германски марки. Војната уништи сè, но ја спаси БиХ, која ќе мора да се гради одново.

ТЕШКО ДО ФУНКЦИОНАЛНА ДРЖАВА

Огромната структурна невработеност влече корен од војната. Дејтонскиот договор, со кој се оконча војната, донесе мир, но не и функционална држава. Малкумина граѓани кај нас ја познаваат денешната структура на БиХ, а гледам дека и поголем број од новинарите исто така. Ќе се обидам сликовито да ви ја претставам.

Во БиХ постои институција Висок меѓународен претставник, кој има овластувања со указ дури и да наметне закон. Оваа институција е со цел да го следи развојот на БиХ во поствоениот период до одреден степен, што државата ја става во редот на земји кои се под протекторат.

Сепак, БиХ има свои институции кои управуваат со неа. Тричлено претседателство кое има ротирачки претседавач. Во претседателството секогаш еден е Бошњак, еден е Србин и еден е Хрват. Претседателството ја има улогата на претседател на државата. Има Парламент на ниво на цела држава и Влада на ниво на цела држава, кои најчесто се блокирани во нивната работа.

Сараево е главен град. Внатре во структурата БиХ е составена од два ентитета и дистриктот Брчко. Помалиот ентитет, кој зафаќа околу 49 отсто од територијата на БиХ, се вика Република Српска. Тој е централизиран, со главен град Бања Лука. Со свој претседател, потпретседател, своја влада и собрание и свои градоначалници на општини. Овде придавката „република“ го нема значењето на државно уредување.

Поголемиот ентитет зафаќа околу 51 отсто од територијата на БиХ и се вика Федерација БиХ. Овој ентитет има исто така свој претседател, своја влада, свое собрание и го има Сараево како главен град на ентитетот. Поголемиот ентитет − Федерацијата БИХ во себе содржи 10 кантони. Кантоните се создадени од повеќе општини и градови. Секој кантон има своја влада и собрание. А, секоја општина има свој градоначалник.

Дистриктот Брчко функционира посебно, надвор од двата ентитета, со свој градоначалник и со свое собрание. Војската на БИХ е заедничка, а полицијата уште е поделена на двата ентитета, иако во Дејтонскиот договор е предвидено и таа да биде заедничка.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ЗАЛОЖНИK НА МИЛОРАД ДОДИК И ДРАГАН ЧОВИЌ

Во вака сложената структура на институции, политичките партии кои се за ЕУ и НАТО агенда не можат да ги наметнат своите решенија, иако се мнозинство, а поради многуте механизми на кочење, кои се вградени во институциите. Локалните и кантоналните политики не можат да одговорат на предизвиците за нови инвестиции и работни места.

Па, така, иднината на БиХ е во заложништво на Милорад Додик – лидер на најголемата српска партија и Драган Човиќ − лидер на најголемата хрватска партија. Затоа протестите во БиХ предизвикаа посета на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и посета на Додик во Белград кај Александар Вучиќ.

Социјалните протести во БиХ се и крик на граѓаните за функционална држава, која би се фатила со двата најголеми проблема кои ги чувствуваат и Бошњаците, и Србите, и Хрватите, а тоа се невработеноста и сиромаштијата. Зад овие барања на демонстрантите стојат граѓани од сите три етнички заедници. Исто како што и во одбраната на БиХ за време на војната стоеја граѓани од сите три етнички заедници.

Малку познат факт е дека во Армијата на БиХ, која за време на војната се бореше против ЈНА и српските и хрватските паравоени единици, кои имаа за цел поделба и распад на Босна, имаше околу 100.000 војници, кои беа Срби и Хрвати. Затоа им посакувам на освестените граѓани да издржат во протестите и во притисокот кон властите за своите социјални права.

Ако можеа да ја одбранат БиХ од Милошевиќ и од Туѓман, сигурен сум дека ќе најдат сила да ја одбранат и од нефункционалниот државен апарат. Социјалните проблеми во БиХ може да ги реши само функционална држава. Ова е уште една голема војна која граѓаните ќе мора да ја добијат. Да им посакаме успех.

Поврзани новости