Откриен план за атентат врз Вучиќ

by Фокус

Министерот за полиција на Србија, Александар Вулин, соопшти дека на 14 јануари добиле информација дека организирана криминална група, составена од членови од различни земји, на чело со лидерот на кавачкиот клан Радоје Звицер, имала цел да изврши атентат врз српскиот претседател Александар Вучиќ.

-Откако се уверивме во квалитетот и вредноста на добиените информации, членовите на МУП, БИА, заедно со претставници на Европол и партнерските служби, започнаа сеопфатна акција за утврдување на идентитетот на сите членови на оваа криминална организација чија цел е убиство на претседателот Вучиќ – рече Вулин.

Тој додаде дека на чело на оваа криминална организација е црногорскиот државјанин Радоје Звицер, организатор и водач на кавачкиот клан, по кого Србија веќе распишала потерница. Според Вулин, Звицер е одговорен за шверц и нелегална продажба на дрога, како и за убиства извршени во Србија, Црна Гора и други земји.

-Дали Радоје Звицер ја собрал и организирал оваа група, криминална организација, за да го убие Вучиќ по негова дискреција или затоа што добил налог, ќе покаже истрагата. Дотогаш, припадниците на МУП и БИА за секоја информација ќе го информираат Обвинителството за организиран криминал, но и во соработка со воено разузнавачките структури ќе направат се за зачувување на нашиот уставен поредок – порача тој.