Откажани настапите на српските музичари за новогодишната ноќ: Како за сите, така и за нас!

by Фокус 13:40
13:40

По ставот на Кризниот штаб во соседна Србија дека не треба да има организиран дочек на Новата година, откажани се најавените гостувања на музичките ѕвезди во клубови, хотели и ресторани. И покрај тоа што настапите на многу од нив веќе биле распродадени и во ек на пандемија, музичарите без негодување ја прифатиле одлуката, со цел да се зачува јавното здравје.

Саша Матиќ, Александра Пријовиќ, Наташа Беквалац и многу други пејачи чии гостувања беа договорени и рекламирани уште од пред еден месец, за тамошните медиуми велат дека ќе има време за забави, и како сега е период кога треба да се почитуваат мерките, за побргу да се надмине лошата состојба со вирусот.

- Advertisements -

-Како за сите, така и за нас. Жал ми е, но штом се мора, ќе ги почитуваме мерките. Ќе има време за забави – изјави за српските медиуми Саша Матиќ.

Голем број на српски музички ѕвезди изминатиот период јавно изјавуваа дека поради пандемијата се пред банкрот. Во центарот на вниманието се најде тврдењето на Мирослав Илиќ, дека месечно му се потребни најмалку 3.000 евра, за да може да преживее, кое наиде на осуда и обвинувања од страна на јавноста, поради неговата нескромност, кога многу семејства преживуваат со минимални примања.

Кризата на естрадата е редовна тема и кај нас, и многу наши музичари разочарано реагираа поради забраната за организиран дочек на новогодишната ноќ, за кој до последен момент верувале дека ќе биде одобрен според утврдени протоколи, во надеж дека ќе можат да остварат заработка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости