Отец Партениј хиротонисан за нов епископ на МПЦ-ОА

by Фокус

Со празнична Божествена литургија одржана во катедралната црква „Света Софија” во Охрид денеска архимандритот Партениј е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ го даде неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, што беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА.

Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во обраќањето до верниците по повод оваа свеченост истакна дека епископите во црковната традиција се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнува важноста на службата и високата мисија на оние удостоените на тој чин.

-На начин како што апостолите го примија духот на вистина на Сионската височина, и ти се удостои да примиш дух на мудрост и разум, на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост, и веруваме дека токму тоа ќе ти помогне и преку новата должност уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите… – рече г.г. Стефан.

Новоназначениот митрополит Партениј во првата пристапна беседа пред верниците истакна дека да се биде епископ значи да се биде прв, но не во превласта, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро.

-Кој сака да биде прв, нека да биде последен и слуга на сите. Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служејќи и на тајната. Не само во храмовите Божји туку и во срцата на верниците. Ето зошто ова пристапно слово ќе биде благодарност за сите и за се – рече меѓу другото митрополитот Партениј.

Инаку, самиот настан се одржа со засилени мерки за спречување на ширење на коронавирусот и за посетителите беа обезбедени заштитни маски. Бројот на верници околу самата црква беше поголем отколку што дозволува просторот, а истовремено се водеше сметка за препораката за одржување социјална дистанца. Црквата „Света Софија” пред почетокот на церемонијата беше целосно дезинфицирана.

Поврзани новости