ОТА лани прислушувала 522 граѓани

by fokus

Собраниската Комисија за надзор над мерките на следење на комуникациите денеска ќе го разгледа првиот извештај на оваа Агенција, чие формирање е дел од реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, согласно со препораките на Прибе

Вкупно 522 комуникации на граѓани лани биле под надзор на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), чие формирање произлезе од препораките на експертскиот тима на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе, откако избувна аферата со масовното нелегално прислушување.

Според извештајот за работата во 2019 година, ОТА технички посредувала во активирање на мерките за следење на комуникациите во 522 случаи: Притоа, 269 комуникации биле следени за потребите на Бирото за јавна безбедност во МВР, а осум на барање на Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии. За другите 245 комуникации во извештајот не е наведена причината за следењето.

Во првиот годишен извештај на ОТА е наведено дека во изминатата година се спроведени подготовки и се обезбедени сите неопходни услови за работа, како и дека се направени првите стручни надзори над работата на операторите. Во 2019 година буџетот на ОТА „тежел“ над 1,7 милион евра, од кои се реализирани над 1,3 милион евра.

Собраниската Комисија за надзор над мерките на следење на комуникациите денеска ќе го разгледа извештајот на ОТА, чие формирање е дел од реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, кои беа носени со консензус во парламентот. ОТА почна да функционира во втората половина на 2018 година, кога за нејзин прв директор беше избран Зоран Ангеловски.

Минатата година, како резултат на реформите во безбедносната сфера, беше формирана и новата Агенција за национална безбедност (АНБ), која функционира под надлежност на владата. Со нејзиното основање замина во „историјата“ некогашната Управа за безбедност и контразузнавање (УБК), од каде што произлезе аферата со масовното прислушување, која во почетокот на 2015 година ја предизвика големата политичка криза во земјава.

ОТА е основана како самостојна државна агенција која е посредник меѓу операторите и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации. Оваа техничката поврзаност се обезбедува врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација.

Поврзани новости