Освен Бонева СЈО ќе гони уште еден пратеник за патните трошоци

by fokus

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата за „Друмарина“, која се води за Силвана Бонева, може да се прошири за уште еден пратеник. Јанева рече дека можно да се истражува дали уште еден пратеник давал лажни фискални сметки за патни налози, но не го откри неговото име.

Како што претходно појасни обвинителката Фатиме Фетаи, Бонева се сомничи за кривично дело „измама во службата“.

-Осомничената во период од 25-ти јуни 2011 година до 16 декември 2015 година, до службите на Собранието поднела лажни фискални сметки од патарини за присуство на седници во парламентот. Доказите упатуваат на тоа дека истата имала сместување во Скопје и дека не ги остварила патувањата – рече Фетаи.

Според истрагата, Бонева доставила сметки од патарини за 843 патувања со своето возило, на релација помеѓу местото на живеење во Струмица и Скопје.

Извршената анализа на СЈО покажува дека доколку прикажаните патувања биле реално направени, поминатата километража би изнесувала 235.928 километри. Од доказите пак е утврдено дека вкупната километража за наведениот период која ја направило возилото изнесува 133.520 километри.

Според Фетаи ова покажува дека Бонева не ги направила прикажаните трошоци и дека го довела во заблуда Собранието. На овој начин прибавила против правна имотна корист во износ од 100.000 евра.

Поврзани новости