Освен Боки 13 и Кичеец, и Јанева била под посебни истражни мерки

by fokus

Освен Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева била ставена под посебни истражни мерки, за потребите на истрагата за „Рекет“. Односно, обвинителството со судски налог ја следело или прислушувало Јанева, потврдија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Фокус“.

-За лицето за кое покажувате интерес беа применети посебни истражни мерки. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го очекува декласифицирањето на мерките по што ќе им бидат презентирани на одбраната, ни одговорија од Обвинителството.

Во јули обвинителката Вилма Русковска јавно посочи дека Јанева не е под ПИ-Мерки, па најверојатно тоа се случило нешто подоцна.

„Фокус“ не успеа да дознае точно кои мерки биле применети врз Јанева, односно дали и бил прислушуван мобилниот телефон или била тајно следена и снимена. Боки 13 и Кичеец три недели биле тајно следени и снимени на сите јавни места, освен во нивните домови или деловни простори означени како приватни.

Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, е став 3 од членот 252 од Законот за кривична постапка, кој бил впишан во судскиот налог за овие двајца осомничени.

Јавноста никогаш нема да може да ги види овие снимки, бидејќи и да дојде до судење, нивното презентирање ќе се изврши зад затворени врати.

В.В.

Поврзани новости