Освен Ахмети, обвинетите во „Диво Насеље“ за сведок го бараат и Стојaнче Ангелов

by fokus 12:00
12:00

Пишува: Валентина Вурмо

Покрај лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинетите во случајот „Диво Насеље“ како сведок ќе го повикаат и претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, неофицијално од извори на одбраната дознава „Фокус“.

- Advertisements -
Banner Renault 300x250

Нашиот соговорник не сакаше да објасни зошто од полза на обвинетите би им било сведочењето на Ангелов или што тој би можел да знае за да помогне во расветлување на случајот. Вели, деталите ќе ги дознаете во судница.

Ангелов, кој во моментот е во Ирак, за „Фокус“ вели дека може само да претпостави дека ќе го повикаат за сведок поради неговата изјава што ја даде две недели пред да се случи вооружениот напад во Куманово, во кој беа убиени осум полицајци, односно дека власта платила 2 милиони евра за да предизвика меѓуетнички судир, а за тоа да ги обвини него и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Некој во нашата држава направил монструозен план за меѓуетнички судир – имам информации дека се дадени 2 милиони евра на Албанци кои немаат врска со УЧК, кои се некои криминалци во Липковскиот регион. Нивната задача била да се претстават како УЧК и да извршат убиство на неколку припадници на полицијата или армијата и така да превизикаат меѓуетнички конфикт. Токму затоа се појави она монструозно соопштение потпишано од господинот Нетпрес дека Стојанче Ангелов и Зоран Заев подготвуваат крваво сценарио. Некој друг подготвувал такво сценарио, затоа излегоа со соопштение, наредните денови требаше да има ескалација, но тоа не им го дозволивме, рече Ангелов, во говорот пред МРТ.

Тој тогаш истакна дека нема да дозволат некој да предизвика етнички конфликт.

-Доста беше омраза и убивање, сакаме да живееме како повеќето народи во Европа, нема да дозволиме да предизвикаат етнички конфликт. Нивната намера беше да го одвлечат вниманието, а потоа да ги обвинат Заев и Англелов. Нивната намера е да ги уапсат Заев, но немаат храброст да го направат тоа. Можеби Заев грешел во минатото, можеби имаме различни ставови и сфаќања, но тој покажа голема храброст објавувајќи ги политичките бомби, рече тогаш Ангелов.

Вооружениот напад што го најави Ангелов, по две недели се случи. Неговите предвремени сознанија ја потврдува тезата на обвинетите дека случајот е исцениран, и тоа, како што тврдат, од политички режисери.

360191-prodolzhuva-sudenjeto-za-divo-naselje

За разлика од Ангелов, Ахмети самиот призна во јавноста дека терористите го барале на телефон и барале од него да им помогне, односно како што рече, посредувал дел од нив да се предадат на полицијата. Можеби сведочењето на Ахмети ќе биде клучно, зошто обвинетите во своите искази тврдеа дека во крвавиот кумановски настан се вмешани лица од УБК и политичари.

Од друга страна пак Ангелов во своите јавни настапи побара доживотен затвор за инспираторите, извршителите, убијците и сите инволвирани во убиството на полицајците во Диво насеље, поради што останува и нејсано зошто тој би бил сведок на одбраната.

– Достоинство бара доживотна казна затвор за сите инспиратори, нарачатели, извршители, учесници, соучесници во овој монструозен настан во кумановско „Диво наеље“, без разлика на етничката припадност. Воедно, како политичка партија, ќе бараме воведување на смртна казна за убиство на полицаец или припадник на армијата. Смртна казна за убиство на полицаец или војник, рече Ангелов, минатата година.

Досега во судница беа сослушани околу 30-на заштитени сведоци, а исказ треба да дадат уште четворица сведоци на обвинителството. Потоа следуваат сведоците на одбраната, меѓу кои се најавуваат политичари и високи полициски функционери.

Поврзани новости