Осуммина, меѓу кои Чавков и Југ, нема да добијат амнестија за „27 април“

by fokus

Осуммина, од вкупно 33-та обвинети за „27 април“ ќе одговараат за насилниот упад во Собранието, а останатите ќе се спасат од кривичен прогон и ќе бидат амнестирани.

Законот за амнестија најверојатно во понеделник ќе се најде пред пратениците, и се очекува истиот да биде изгласан пред донесување на првостепената пресуда. Врз основа на него, пак, се очекува да се прилагоди и обвинителката Вилма Русковска, за која се шпекулира дека во завршен збор ќе направи преквалификација на делото за кое се гонат обвинетите, и ќе ги смести во категориите предвидени за амнестија.

Засега е сигурно дека амнестирани ќе бидат обвинетите кои не извршиле никакво насилство, кои не го подготвувале и организирале упадот во Собранието, и кои не се гонат по командна одговорност.

Според шпекулациите кои кружат во јавноста, амнестијата нема да ги опфати екс министерот Митко Чавков, и уште двајца обвинети од МВР, Оливер Радулов и Сашко Марковски, а за Душко Лазаров мислењата се поделени, бидејќи според едни имал командна одговорност, а според други не. Од кривичен прогон наводно нема да се спаси ниту Игор Југ, кој според собраниски извори се смета за еден од организаторите.

Сепак сигурно е дека амнестирани ќе бидат пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Поврзани новости