Оставка и „судири“ во македонско-бугарската комисија пред изборите во двете земји

by fokus

Без усвоени решенија и препораки заврши 15. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија, што се одржа вчера и завчера. Во меѓувреме, оставка од работата во Комисијата вчера поднесе професор Ванчо Ѓорѓиев поради како што тврди „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на Министерството за надворешни работи“, а тоа предизвика редица реакции на домашната политичка сцена.

Како што брифирале за МИА од македонската страна на Комисијата, неносењето решенија и препораки во работата на ова тело се должи на исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање за минатото.

Во текот на вториот ден, според македонската страна на Комисијата, членовите на Комисијата дискутирале и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави.

-Како и во однос на прашањето за учебниците по историја, дискусијата за Гоце Делчев го покажува различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави, наведоа од македонскиот тим на Комисијата.

Копретседателот на бугарскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров, пак, на брифинг за медиуми во бугарското Министерство за надворешни работи рекол дека станува се потешко да ги информира за работата на заедничката Комисија.

-До вчера напладне работите одеа добро во разговорите на заедничката историска Комисија, но, нешто се смени во последен момент, наведе Димитров.

Според него, неговите колеги од Северна Македонија не дозволиле идеја за постоење заедничка историја. Тој даде пример дека, како што рече, тие не сакаат заеднички да ги слават заедничките личности и дека не се воделе од нивните биографии“. Како пример ги наведе браќата Миладинови кои имаат годишнина во 2022 година. Според него, имало сличен пример со Гоце Делчев, кој исто така има јубилејна годишнина во 2022 година. Димитров додаде дека ќе биде тешко да се излезе од периодот на 10 и 11 век, за кој разговараат историчарите.

Според Димитров, „постои политички притисок врз неговите колеги од македонскиот дел од Комисијата, потсетувајќи дека претстои втор круг од локалните избори во земјата“.

Членот на Комисијата Ванчо Ѓорѓиев, како што пренесоа дел од медиуми, како причини за неговата оставка ги наведува и „двојното водство во македонскиот дел од Комисијата и отстапка од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, измени во учебникот по историја без негова согласност, отстапка од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на националните интереси“

Во реакција на неговата оставка македонскиот дел на Комисијата наведе дека со Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работеле и донеле добри решенија со кои, стои во реакцијата, сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение“.

И од Владата во соопштение наведоа дека во ниту еден момент ниту се мешале, ниту имале какво било политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Оттаму дополнија само пред една недела професорот Георгиев го потпишал со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата. -Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Георгиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, наведоа од Владата.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, исто така, истакна дека Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија.

Лидерот на опозициската СДСМ Христијан Мицкоски, пак, ги повика и останатите членови на историската Комисија да поднесат оставка.

-Шокиран сум од веста дека Ванчо Ѓоргиев поднел оставка од член на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, изјави Мицкоски.

Во реакција на неговиот став од владејачката СДСМ наведоа дека Мицкоски денеска случајно или не признал дека оставката на членот на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, е негово дело и по негова инструкција.

-Со повикот до останатите членови на Комисијата и тие да си дадат оставка, Мицкоски се обидува по којзнае кој пат да ги поткопа позициите на државата и да ги влоши односите со Република Бугарија, оценија од СДСМ.

Средбата на мешовитата Комисија се одржа во изборен период во двете земји – кај нас заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември.

На претходниот 14. состанок што се одржа на 10 и 11 јуни, од македонскиот тим во Комисија оцени дека ги имале најтешките разговори досега.

Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, а нејзината работа е една од точките на патоказот 5+1 како можно решение за спорот со Бугарија и деблокада на пристапните преговори со ЕУ.

Поврзани новости